Град Скопје за тендерот што го доби сопругот на Царовска: И Коце Трајановски соработувал со оваа фирма

by fokus

Од Град Скопје испратија демант на информациите што ги објави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, кој денеска на прес конференција рече дека после три дена од вториот круг на претседателските избори, односно на 8-ми мај, „Град Скопје и Петре Шилегов доделиле тендер вреден 967.600 денари на фирмата на партнерот на министерката Царовска“. Тендерот бил за изнајмување на опрема за висинско набљудување.

„Фирмата „Флај Кем“ на Горан Георгиевски за една година снимање со дронови ќе инкасира речиси еден милион. Георгиевски, невенчаниот сопруг на Царовска, освен овој милионски бизнис за летање дронови досега доби и набавки во 4 очи во вкупен износ од 1,5 милиони денари“, изјави денеска Арсовски.

Според Град Скопје овие информации се невистинити.

„Сакаме да ја информираме јавноста дека нашата соработка се заснова на јавен повик за јавна набавка распишан од Градот Скопје, која е помината низ сите законски постапки и спроведена јавна набавка на која можат да учествуваат сите компании кои ги исполнуваат условите. Град Скопје ја уверува јавноста дека сите законски прописи се запазени и дека нема никаков простор за сомнежи и шпекулации, а воедно апелира до сите компании и приватни лица, доколку имаат какви било забелешки и индиции дека постои некакво прекршување на законот, истото да го пријават до надлежните институции“, соопштија од Градот.

Од таму додаваат дека станува збор за јавна набавка за изнајмување на опрема за висинско набљудување на терен, диви депонии и останати зони во градот, која е, посочуваат, целосно легална.

„Оваа јавна набавка е во зголемување на техничките можности на Инспекторатот на Град Скопје во мапирањето на диви депонии, а во насока на подобрување на животната средина и борбата против создавањето на диви депонии. Посочената компанија која е избрана на јавниот повик е компанија со која Град Скопје има соработка и во минатото, поточно во 2016 година, кога истата по пат на јавна набавка е избрана за Изработка на видео документација за тековни инвестициони и инфраструктурни проекти на Град Скопје. За потсетување, во 2016 година градоначалник на Град Скопје и потписник на овој договор е Коце Трајановски, градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ“, додаваат од Градот.

Поврзани новости