Франгов ја оставил Гевгелија задолжена колку два годишни буџети, вели Поцков

by fokus

Претходниот градоначалник на општина Гевгелија, Иван Франгов, му оставил на неговиот наследник долгови во висина од четири милиони евра. Како што информираше новиот градоначалник, Сашо Поцков, на денот кога ја презел функцијата на општинската сметка имало само 550.000 денари.

Според Поцков во овој момент општината должи преку 125 милиони денари кон приватни фирми. Тој нагласи дека финансиската состојба е сериозна и аларманта затоа што општина Гевгелија должи два годишни основни буџети.

– Очекуваме да пристигнуваат и нови фактури за задолжување на општината. По основ на кредитни задолжувања општината должи два милиони евра и уште 3,5 милиони денари кон спортски клубови, културни друштва и здруженија на граѓани на име одобрени средства за програмите од тековната година. За неисплатени обврски за минатата година деновиве падна и првата тужба – информира Поцков.

Поради сево ова, нагласи Поцков, општината ќе мора да заземе поинаков начин на управување со парите на граѓаните и од сега па натаму ќе мора да се работи домаќински и одговорно за да се санира долгот, но и да го одржиме тековното работење и да создаваме проекти и решенија за подобрување на животот на граѓаните.

Поцков посочи дека наскоро сите јавни набавки на општина Гевгелија ќе бидат јавно достапни преку веб страницата на општината заради целосна транспарентност во работењето и го повика Државниот завод за ревизија да изврши контрола на досегашното работење на општината со цел да се утврди како и каде се потрошени парите на граѓаните и каде е направен толкав долг.

Поврзани новости