ФЕЉТОН: Избори и разрешувања на судии според „партиско тефтерче“

by fokus

Михајло Маневски, кој стана министер за правда на 67 години и се задржа на позицијата повеќе од 6 години, беше редовно посочуван дека врши големо влијание при изборот и разрешувањето на судиите. ЕУ беше загрижена за улогата на министерот за правда во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители и оцени дека на тој начин извршната власт се меша во работата на судството.

Гордана ДУВЊАК

Една стара и добропозната изрекашто ја користи правната фела вели: „Кога политиката ќе влезе низ врата во судницата, правото излегува низ прозорец.“

Во време кога универзитетскиот професор по римско право д-р Владо Бучковски беше претседател на Владата на Република Македонија предводена од СДСМ (2004‒2006 година), една година пред крајот на мандатот и губењето на изборите (2005 година) беа спроведени големи уставни промени. Со нив се опфатија пакет измени во судството, кои предвидоа наместо Парламентот, изборот и разрешувањето на судиите да го врши посебно тело ‒ Судски совет.

Уставните амандмани (28 и 29) од 2005 година, кои беа посветени на крупни реформи во судството, се стремеа целосно да ги имплементираат препораките на Европската комисија и на Советот на Европа, кои, пак, инсистираа на воведување на „силен“ судски совет.

„ИСТАКНАТИ ПРАВНИЦИ“

Трансформираниот Републички совет во Судски совет броеше 15 наместо 7 членa, од кои 8 члена беа избрани на непосредни избори од судовите, тројца по предлог на Собранието на РМ и на претседателот на државата од редот на „истакнати правници“, а двајца по функција ‒ министерот за правда и претседателот на Врховниот суд.

За да биде иронијата поголема, токму ова тело, креирано од левичарската власт (СДСМ),се стави целосно во функцијата десничарската власт (ВМРО-ДПМНЕ). Судскиот совет не само што не ја оствари својата мисија туку и се претвори во свој антипод. Не само поради начинот на функционирање и одлучување туку и поради целосната подреденост на политиката, која го претвори во силна алатка за заплашување и притисок. Од друга страна, пак, членовите на Судскиот совет беа ставени во комотна позиција, бидејќи законската рамка не предвидуваше никаква одговорност и санкционирање доколку донесат незаконски и погрешни одлуки.

Дискутабилно беше и тоа што поимот „истакнати правници“ беше прешироко поставен, без јасни и прецизни критериуми, што остави простор недоволно квалификувани и анонимни лица да се изберат на високи функции во Судскиот совет. Во составот на новото тело се дозволи и влез на судии од основните судови, кои за време на шестгодишниот мандат требаше да одлучуваат и за судбината на судии од највисок ранг, како на пример, за врховните судии. Таков беше случајот со истражната судијка од Основниот суд во Тетово, Александра Зафировска, која цели 12 години беше член на ова тело, а во 2011 година го замени на претседателската функција врховниот судија Васил Грчев и раководеше со Судскиот совет до 2013 година.

Неколку години подоцна, токму името на Александра Зафировска ќе се најде во посебниот извештај на Специјалното јавно обвинителство по јавно објавените телефонски разговори, како и во извештајот на американскиот Стејт департмент, како една од неколкуте посочени судии (Јован Вангеловски, Владимир Панчевски, Софија Лаличиќ, Светлана Костовска) кои биле во тесна корелација со извршната власт.

Во посочените извештаи се наведува дека Зафировска со своето постапување не само што не го оневозможила политичкото влијание туку, напротив, широко ѝ ја отворила вратата на политиката, овозможувајќи ѝ на тогашната владејачка политичка партија во целост да ги земе институциите на судскиот систем под контрола. Тоа јасно може да се види и од содржината на една од објавените „бомби“ во пролетта во 2015 година, од која може да се слушне како Зафировска е во постојана комуникација со кабинетот на тогашниот премиер Никола Груевски и го известува за активностите и плановите на Советот.

СОЗДАДОВМЕ МОНСТРУМ

Од телефонскиот разговор на тогашната претседателка на Судскиот совет, Александра Зафировска, со Ленче Самарџиска, секретарката на тогашниот премиер Никола Груевски, се дознава како таа бара да го информира претседателот на Владата Никола Груевски за претстојниот оглас за судии.Зафировска беше еден од главните линкови преку кои се пренесуваа наредбите на извршната власт за судството.

Транскрипт од разговорот меѓу А.Зафировска и Л. Самарџиска:

А.З.: Ало?
Л.С.: Ало, добар ден.
А.З.: Добар ден.
Л.С.: Александра, Ленче е. Сте ме барале, ми кажаа колешките.
А.З.: Да,моменат само. (Значи, почекајте ме надвор, сега ќе ве викнам) Вака…
Л. С.: Е, да.
А. З.: Се договоривме на минатиот состанок, да го известам премиерот, кога ќе…ова…распишам оглас, значи, пред да распишам оглас за судии.
Л. С.: Добро.
А. З.: Значи, да го известите дека ќе распишам оглас за двајца судии на Апелација Скопје…
Л. С.: Добро.
А. З.: За претседател на Основен суд Скопје I и за претседател на Основен суд Кратово.
Л. С.: ….Скопје I и за претседател на…
А. З: ….Основен суд Кратово.
Л. С.: Во ред.
А. З.: Значи, ќе следи оглас за овие места.
Л. С.: Добро, во ред, ќе го известам.
А. З.: Е така.
Л. С.: Добро, благодарам, пријатно.
А. З.: Ајде, пријатно.

„Со вакви законски решенија од Судскиот совет создадовме монструм кој го растури целиот систем на поставеност на судството“, ќе рече во 2008 година Дане Илиев, тогашен претседател на Врховниот суд и член на Судскиот совет. Изјавата на Илиев беше дадена по една стручна расправа посветена на тоа каде одат реформите во судството и зошто се избираат кадри на кои стручноста и компетентноста не им се силна страна.

Во таа пригода, Илиев ќе се пожали дека редовно бил надгласуван во Судскиот совет и оти не случајно избира судии за кои два дена по изборот се поведува постапка за разрешување. Таков беше случајот со унапредувањето на судија од Основниот во Апелациониот суд во Гостивар, за кого медиумите открија дека спротивно на законите судел предмет за мајка му. Советот го разреши од судската функција, но неколку години подоцна Владата го именуваше на друга функција.

„Реформите што ги направивме во 2005 година беа еден од условите да добиеме кандидатски статус. Се бараше да ја зајакнеме независноста на судството, да го ослободиме од политичко влијание при изборот на судиите, да ја зголемиме финансиската независност, да го зголемиме квалитетот преку континуирана едукација на судиите. Денес, можам да констатирам и врз сопственото искуство со македонскиот правосуден систем дека реформите ги влошија состојбите во судството“, ќе изјави Бучковски за медиумите.

Самиот експремиер Бучковски, неколку години подоцна, неволно ќе признае дека состојбата во судството од година во година станува сè полоша. Оваа оценка тој ќе ја даде од позиција на правосилно осуден на 2 години затвор за набавки на тенковски делови додека бил министер за одбрана во 2001 година.

ПОЛИТИЧКИ МОНТИРАНИ ПРОЦЕСИ

Ќе се покаже како грешка и учеството на министерот за правда во работата на Судскиот совет, со право на глас во изборот и разрешувањето на судии. И покрај тоа што гласот на ресорниот министер е само „еден од 15-те“, сепак, низ примерот на министерот за правда Михајло Маневски се покажа колку разорно може да влијае директното учество на извршната власт во судството. Особено кога на челната позиција во ресорот правосудство седи човек подготвен на спроведување и на најтврдите партиски нарачки. По сугестија на Европската комисија, ова решение беше сменето, со тоа што министерот за правда останува да партиципира во Судскиот совет, но без право на глас.

Пензионираниот правник Михајло Маневски беше министер за правда од 2006 до 2011 година. Тој е единствениот министер во владите на ВМРО-ДПМНЕ, предводени од Никола Груевски, кој бил министер и во времето на социјализмот.Остана дилемата како републичкиот секретар за правосудство и управа во времето кога Македонија беше социјалистичка република и човекот кој важеше за еден од најригидните обвинители во бившиот систем, можеше да направи таков идеолошки пресврт и да стане ден од најдоверливите кадри на премиерот Никола Груевски и тоа кога веќе беше пензионер.

Маневски, кој стана министер за правда на 67 години и се задржа на позицијата повеќе од 6 години, беше редовно посочуван дека врши големо влијание приизборот и разрешувањето на судиите. Европската Унија беше загрижена за улогата на министерот за правда во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители и оцени дека на тој начин извршната власт се меша во работата на судството.Тоа беше директно вперување прст во претставник на извршна власт кој врши политичко влијание врз третата власт.

Од позиција министер за правда, Маневски во „бомбите“ е инволвиран при изборот на член на Судскиот совет во координација со министерката за внатрешни работи. Во разговорите има индиции за партиско влијание врз назначувањето и изборот на кадрите во правосудниот систем, како и злоупотреба на службена положба од позиција на моќ. Но, Специјалното јавно обвинителство не покрена обвинение против Михајло Маневски.

Перцепцијата за состојбите во судството јасно можеше да се види и низ реториката во годишните извештаи за напредокот на Македонија во однос на правосудниот систем, која од година во година се заоструваше. Ако на почетокот, во 2007 година, фокусот беше ставен на носењето закони и нивна имплементација, во наредните неколку години,особено од 2010 г., реториката битно се менува.

Критиката се заострува од 2010 година, кога пораката беше недвосмислена: „Потребни се дополнителни напори за независноста на судството во Македонија“. Во есенскиот извештај од 2011 година, пак, Европската комисија стави сериозни забелешки за начинот на изборот на судиите и на јавните обвинители, независноста и ефикасноста на судовите, (зло)употребата на мерката притвор, како и недоволните буџети на судовите и јавните обвинителства. Но и отворени сомнежи за независноста на судството и за политички монтирани процеси.

СУДЕЊЕТО НА КЕЖАРОВСКИ

Лошата оценка за состојбата во македонското судство Европската комисија ја повтори и во 2012 година. Една од сериозните забелешки во меѓународните извештаи беше мешањето на Владата во изборот на судиите преку учеството на министерот за правда како член на Судскиот совет, тело кое ги избира и разрешува судиите.

Дека состојбите со судската власт не одат во добра насока можеше да се забележи уште во анонимната анкета на ОБСЕ, спроведена над 450 судии, а објавена уште во јануари 2009 година, кога судиите во големо мнозинство открија дека работат под политички притисоци, дека не му веруваат на Судскиот совет и дека се плашат за своите работни места. Но, оваа анкета беше негирана од министерот за правда Михајло Маневски и прогласена за необјективна и невалидна. Негативен став кон анкетата на ОБСЕ изрази и Здружението на судии на Македонија, кое најави сопствена анкета, која никогаш не е спроведена.

Судскиот совет никогаш не се обиде да ги лоцира, а уште помалку да им се спротивстави на какви било влијанија и притисоци (напротив, беше дел од нив), а на една од ретките дебати организирана на оваа тема прстот го впери кон новинарите. Притисокот го виде во новинарскиот протест пред судот, организиран по повод судењето на новинарот Томислав Кежаровски во случајот „Ликвидација“, кој беше осуден на 4,5 години затвор поради откривање идентитет на заштитен сведок.

За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Судскиот совет ќе избере над 330 судии во сите судови во земјава, со што ќе го промени речиси половина од вкупниот број судии. Но, и покрај тоа, тогашната владејачка гарнитура, предводена од Никола Груевски, ќе продолжи да ја користи истата партиска реторика дека со „генералниот реизбор на судии во 1997 година СДСМ избрало над 500 судии во државата“ и оти судството е под контрола на „комуњарската власт“.

Од вкупниот број новоизбрани судии, само четириесетина ќе бидат од редот на завршените академци од Академијата за судии и јавни обвинители, додека другите се избрани главно од адвокати и правници од државни органи. Често тоа беа блиски роднини на функционери од власта или „заслужни партиски кадри“, кои добиваа награда за сработеното со влез во судството. Тоа најмногу беше забележливо при пополнувањето на двата управни суда, како и на Апелациониот суд во Гостивар, како новоотворени, но и на сите други места каде што се избираа нови судии.

Најдрастичен пример беше изборот на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, кој е венчален кум на тогашниот претседател на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски. Вангеловски, најпрво од позиција на адвокат, на 20 мај 2008 година беше избран за судија на Врховниот суд на Република Македонија, а неполни два месеца подоцна, поточно на 17 јули 2008 година, беше избран за претседател на највисокиот суд во државата.

„СВАРОВСКИ СУДСТВО“

Прашањето за избор на претседател на Врховниот суд ќе биде актуелно и во летото 2012 година, кога медиумите ќе пишуваат за судирот на релација ВМРО-ДПМНЕ‒ ДУИ.Тоа ќе го потврдат и извори од самите партии, но информацијата дека „нема постигнато политички договор за претседател на Врховен“ ќе ја потврди и тогашната претседателка на Советот, Александра Зафировска.

По тој повод, тогашната потпретседателка на опозиционата СДСМ, Ана Павловска-Данева, ќе рече дека Судскиот совет, наместо да се издигне над политиката и стручно и професионално да избере претседател на Врховниот суд, се претворил во „партиско тело за исполнување на судските амбиции на верните пријатели на власта“.

Член на Судскиот Совет во анализа за БИРН во јули 2012 година ќе изјави: „Политиката длабоко навлезе во изборот на судиите и, додека двете владејачки партии не се договорат кој треба да биде избран, ние не можеме да избереме судии и претседател во Врховниот суд“.

Токму поради проблемите со коалиционото усогласување, во период од една до две години не беа избрани претседатели на над 20 суда, а со нив раководеа в.д. претседатели.

Јавна тајна во судството беше дека изборот во Судскиот совет е само формален и оти кандидатите треба да поминат низ претходен партиски филтер и усогласувања. Дури, некои од членовите на Судскиот совет тоа отворено им го кажувале на претендентите за судиски функции, упатувајќи ги на „вистинската адреса“ за да го најдат патот до добивањето на судиската тога. Имено, листите биле составувани од страна на коалициони партиски комисии, кои ги сочинувале највисоките првенци од двете партии. А, да биде апсурдот поголем, главни кадровици во судството беа токму шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков, министерката за полиција Гордана Јанкуловска ивицепремиерот Муса Џафери.

Дури откако ќе се утврделе кандидатите за судии во партиските кабинети, „испегланите листи“ биле спроведувани на натамошно постапување во Судскиот совет преку министерот за правда. Многу подоцна тоа ќе се види и низ објавувањето на „бомбите“ што ги обелодени опозиционата СДСМ, кога излегоа на површина сите комбинаторики, но, уште поважно, и директното влијание на политиката врз судството.Термините како „сваровски судство“ и „партиски тефтерчиња“ беа резултат на објавените разговори од кои можеше да се види директната меѓусебна поврзаност на главните актери.

ТЕФТЕРОТ НА ЈАНКУЛОСКА

Од еден од објавените незаконски прислушкувани разговори, во кој се препознаваат гласовите на министерката за полиција и на шефот на тајната полиција, се дознава дека подобните судии се во тефтерот на Јанкулоска, заокружени со плусови, а евидентно е и кој ги предлага за напредување во кариерата.

Следува транскриптот од разговорот меѓу Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков.

С. М.: Него, да те прашам една работа. Ние кога биравме судии у единица…
Г. Ј.: Аха.
С. М.: Имам овдека забележано: 72-ка, Лидија Петровска. Кој ја предложи неа?
Г. Ј.: Чекај да видам у тефтерчево…
С. М.: Ај види
Г. Ј.: Сега не ми текнува по името…само да… тука ми е баш на маса, секунда, извини…За единица беше?
С. М.: Да, за единица, и таму ја избравме. Ја ја видов, мене ми фати око, беше добра. Многу ме интересира кој ми ја предложи.
Г. Ј.: Сега, сега, јас вртам дур збориме со тебе…
С. М.: Да.
Г. Ј.: …по списоциве… двојка, двојка, Апелација…Марфиев закон…единица сигурно ми е на крај…еве, стасав до единица, само да видам…овде не ми се испозаокружени, а еве уште еден…Лидија Петровска, Сашка (Александра Зафировска н.з.) ја предложила, 72 број.
С. М.: Аха. Сашка?
Г. Ј.: Еве. Да.
С. М.: Добро.
Г. Ј.: И има и на рака напишано горе самото…нели она ни ги праќа материјалите…
С. М.: Да, да, да.
Г. Ј.: Она има напишано на рака и плус, после тоа кога сме разговарале, значи сме ја штиклирале и уште еден плус и имам ставено, претпоставувам тоа врз основа на дискусијава што сме ја имале меѓу нас. Меѓутоа е од Сашка предложена, и горе на списокот, и ти го имаш истиот, 72, на рака пишува, Лидија Петровска.
С. М.: 73 пишува. 72 пишува, а 73 пишува нешто друго.
Г. Ј.: 72 и 73 нешто друго, не можам да го разберам. А-на Ра-до-…нешто.
С. М.: Ана Рајкова.
Г. Ј.: Е, па ја не го дочитувам тоа Рајкова. Иначе, ова е од Сашка.
С. М.: Океј, добро.
Г. Ј.: Тоа е.

Поради нестручно и несовесно работење Судскиот совет разреши околу 80 судии, најмалку тројца беа лустрирани, а десетина опфатени со кривични постапки, од кои половината беа осудени. Посебно атакуван беше Апелациониот суд во Скопје, каде штоод судски функции беа отстранети неколку судии, и тоа неколку години пред пензија. Осуммина од нив ја тужеа државата во Европскиот суд за човекови права во Стразбур поради повреда на правото за фер постапка. Но, ниту еден од нив не беше вратен на судската функција.

Судот во Стразбур ги објави пресудите по тужбите на Виолета Дума, Снежана Геровска-Попчевска, Мирослав Трифуновски, Гоце Јакшоски и Иво Попоски против Република Македонија, каде што оценил дека е повреден членот 6 од Конвенцијата, право на судење пред непристрасен суд, и ја задолжи државата секому да му исплати штета од по 4.000 евра плус трошоци во постапката.

Снежана Геровска-Попчевска беше разрешена за случајот „Бачило“, Јордан Митриновски, Виолета Дума и Владо Џилвиџиев како судии на Апелација, затоа што не му го промениле идентитетот на некого кој бил осуден под лажно име, Мирослав Трифуновски од Тетово, затоа што не излегол на увид на местото на настанотво случајот со давењето на новинарот од Кичево, Владо Танески, во тетовскиот затвор. Иво Попоски и Гоце Јакшоски беа судии на судот во Охрид во времето кога беа разрешени од функциите, а претходно Јакшоски бил и претседател на судот во Дебар.

Продолжува: МИТРИНОВСКИ:БЕВ РАЗРЕШЕН ОД СУДИЈА ЗАРАДИ СУДИРОТ СО МИХАЈЛО МАНЕВСКИ И НЕГОВАТА СОПРУГА (2)

(кстот е  дел од публикација „Македонија од Букурешт до Преспа – Сведоштва на едно време: Македонија 2008-2018“ во издание на ФООМ).

Поврзани новости