ДЗР: Енергетскиот систем е стар и неефикасен

by Fokus

Државата нема капацитет да обезбеди струја на долг рок, производствените капацитети на електрична енергија кои користат јаглен стари четириесет години често имаат дефекти, а премалку се вложуваво капацитети кои користат обновливи извори на енергија, се заклучоците на Државниот завод за ревизија во извршената ревизија на успешност на тема: „Подготвеноста на енергетскиот систем да се справи со енергетска криза‘‘.

Според ревизорите лани во Република Северна Македонија, произведени се 5.634 GWh електрична енергија од домашни производители, 1.471 GWh e нето увоз, а вкупните загуби на електрична енергија во eлектропреносниот систем се 972 GWh. Вкупно потрошената електрична енергија лани изнесува 7.105 GWh, од кои 20% се обезбедени со набавка.

„Република Северна Македонија располага со ограничени ресурси на јаглен, а новите наоѓалишта сѐ уште не се експлоатираат. Преостанатите експлоатациони количини на јаглен во рудниците изнесуваат 69.780 илјади тони, а според стручните служби неговиот квалитетот е со ниска калорична вредност, околу 3 пати пониска од максималната пропишана калорична вредност за лигнитот, и потребно е дополнителна набавка на калоричен јаглен со цел да се направи негово хомогенизирање“, стои во ревизорскиот извештај.

Ревизрите утврдиле дека изминатите три години, за набавка на јаглен, мазут и природен гас потрошени се над 588 милиони евра, а 70% од овие пари биле наменети за купување мазут.

Над 3.000 фирми и општини  користеле повластена цена на струјата, бидејќи броилата  им биле приклучени на мрежата на Универзалниот снабдувач како „мали потрошувачи“ ,  а ваква цена наплаќа од граѓаните.  Ова според ревизорите се случувало во времето на енергетската криза и порастот на цената на струјата.

Државната компанија ЕЛЕМ за две години од буџетот добила над 17 милиони денари помош за да обезбеди струја, а според ДЗР, 10% од овие средства биле потрошени за други расходи. Голем број на државни институции не ги испочитувале ниту владините мерки за заштеда на електрична енергија од 15% на месечно ниво.

„Производствените капацитети на електрична енергија кои користат јаглен и мазут: РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино, се постари од 40 години, што придонесува да се јавуваат чести дефекти и предизвикува помало производство на електрична енергија. Лани Блокот 3 на РЕК Битола бил во дефект 365 дена т.е. во погон функционирал само 1 час, ТЕЦ Осломеј функционирал како резерва 168 дена, а ТЕЦ Неготино во периодот на енергетска криза во најголем дел работел со еден котел“, стои во ревизорскиот извештај.

Ревизорите утврдиле дека на подолг временски период не се извршени големи инвестициски активности за модернизација на постоечките капацитети или изградба на нови капацитети кои користат енергенси што не ја загрозуваат животната средина, кои треба да обезбедат поголемо производство на електрична енергија, енергетска стабилност и одржливост на долг рок.

„Иако се разгледувани можностите за зголемување на производството на електрична енергија од гас преку изградба на гасни електрани, реализацијата на овие проекти е неизвесна. Производството на електрична енергија од обновливи извори учествува со околу 30% во вкупното производство на електрична енергија, а за истакнување е дека во периодот на појавата на енергетска криза заинтересираноста за изградба на Фотоволтаични електроцентрали (ФЕЦ) бележи значителен тренд на зголемување“, стои во ревизорскиот извештај.

Недостасуваат точни и детални информации за начинот и постапката за изградба на електроцентрали за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија и приклучување во дистрибутивната и преносната мрежа, информации за можната финансиска и временска рамка на инвестициите поради што оваа постапката е сложена, бавна и во државата не се врши ефикасно, утврдиле од ДЗР.

Поврзани новости