Дичев: Бугарија не е толку моќна држава во ЕУ за да поставува свои услови

by fokus

Бугарија не е толку моќна држава во Eвропската унија и не може да одигра улога на некаков многу силен партнер кој ќе поставува свои услови за евроинтеграциите на Македонија, вели во изјава за ТВ24 професорот по културна антропологија на Универзитетот во Софија, Ивајло Дичев.

Откако бугарската Влада донесе декларација со која поставува низа услови за Македонија, од чие исполнување ќе зависи бугарската поддршка во процесот на преговори, група интелектуалци потпишаа петиција против декларацијата. Дичев е еден од нив.

Бугарија во декларацијата бара Македонија меѓудругото да се откаже од македонскиот јазик во рамките на ЕУ, како и тоа да ги отстрани сите написи во кои стои дека Бугарија била на страната на фашистите во Втората светска војна. За Дичев ова е смешно.

-Во моментов имаме локлани избори и нашите крајно десни националисти  се чудат што да измислат бидејќи се беспомошни и ништо суштествено не направија во својот мандат и затоа ќе измислуваат подобни теми. Сметам дека целата таа работа е предизборна и се надевам дека во октомври ќе се разреши. Нашиот премиер Борисов е многу податлив на влијание од големите европски сили, така што мислам дека кога ќе го притиснат од ЕУ дека целата таа работа ќе се надмине. За жал нашата јавност тука многу лесно се фаќа за вакви теми – чив бил Гоце Делчев и слично, наместо да гледаме напред – на тоа дека ни претстои најпосле отворање на границите, железницата, размена на трговијата, ние се занимаваме со глупости – вели професорот.

Според него тезата за еден народ во две држави многу тешко ќе помине во Европската Унија и е далеку од европскиот концепт.

-Нашите луѓе тука очекуваат од луѓето на Северна Македонија да ја применат тезата, како што ја нарекуваат еден народ – две држави. Вашата држава сега е составена од Македонци, Албанци, Турци. Ние сме тука балкански микс. Можеме да кажеме дека сите сме балкански народи, но таа етничарска теза мислам дека особено во европски контекст многу тешко ќе помине. Многу тешко нашите ќе отидат во Европскиот Совет и ќе кажат аргумент дека ние сме еден етнус, тоа е многу заостанато така што мислам дека едноставно е смешно. Eвропа нема етности. Eвропа има национални држави кои се составени од различни етнички групи, култури и елити – додава Дичев.

За  бугарскиот професор смешно е и барањето на Бугарија, Македонија да се откаже од македонскиот јазик.

-Замислете сега утре Германците да им кажат на Данците да стават ѕвездичка и да кажат вашиот јазик е произведен од нашиот. Тоа е смешно. Толку е смешно што не можам и да си преставам  како може тоа официјално да се изнесе. Се надевам дека ќе поминат изборите тука и ќе се измислат други теми за дискусија и за политиканство – посочува тој.

Поврзани новости