Четири ослободителни и четириесетина условни казни за обвинетите во “Змиско око”

by fokus

Само четири ослободителни и четириесетина условни казни затвор за обвинетите во случајот “Змиско око”. Оваа  е пресудата која денеска ја изрече судијата Владимир Туфегџиќ во Кривичниот суд.

По 13 години низ судските лавиринти обвинетите очекуваа ослободителна пресуда, поради што велат дека се разочарани и најавуваат дека својата правда ќе ја бараат во Судот за човекови права во Стразбур.

Сепак најпрвин првостепената пресуда ќе ја обжалат пред Апелација.

-При одлучувањето , како што беше и кажано при објавата, судот ги изведе доказите кои се содржани во напатствијата од одлуката на Апелациониот суд Скопје, ги имаше предвид својствата на обвинетите, односно улогата која ја имале во предметниот период , а при анализа на доказите и при одлучувањето судот се раководоше исклучиво од материјалните докази кои укажуваа на кои наплатни станици е констатирана некаква штета, а на која наплатна станица не е утврдена никаква штета при работењето на инкасантите.

Со пресудата: Обвинението за кривичното дело Злосторничко здружување по чл. 394 ст.2 од КЗ се одбива поради настапување на апсолутна застареност. Обвинетите В.М. С.А., В.Ј., З.Б. се ослободуваат од обвинение за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување по чл.353 ст.5 вв ст.1 од КЗ. Останатите обвинети се огласуваат за виновни за кривичното дело по чл. 353 ст.5 вв ст.1 од КЗ па имајќи ја предвид нивната позиција, својство и овластување им се изрекува:

За одговорното лице – алтернативна мерка Условна осуда со казна затвор од 2 години која нема да се реализира доколку во следните 5 години не стори ново кривично дело. Обвинетите кои имале својство на контролори на наплатни станици им се изрекува алтернативна мерка Условна осуда со казна затвор од 1 година и 6 месеци доколку во следните 3 години не сторат ново кривично дело, обвинетите со својство на сменоводители и инкасанти им се изрекува алтернативна мерка Условна осуда со казна од 1 година доколку во следните 2 години не сторат ново кривично дело.

Воедно судот не го прифати предлогот на застапникот на обвинението со дополнителна пресуда да одлучува по однос на имотно – правното побарување и за тоа Државниот правобранител го упати на граѓанска парница.

Потребно е да се напомене дека при објавата на пресудата еден од обвинетите чии идентитет е познат искажа навреди и пцовки упатени кон судечкиот совет за што судот ќе изготви службена белешка и ќе покрене соодветна постапка, се вели во соопштението на судот.

Низ годините, во два наврати Кривичниот суд донесе пресуди, но Апелациониот суд ги укинуваше, по што судењето по трет пат почна од почеток.

Спектакуларното апсење на овие луѓе, 72-ца на број, со специјалци вооружени до заби, почна на 18 ноември 2007 година и траеше неколку дена, а тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска пред јавноста истакна дека се реализирала најголемата, најдолгата и најмасовната операција досега.

Уапсените се гонеа дека организирано формирале злосторничка дружина која не издавала фискални сметки за платени патарини, а парите ги ставале во џеб, по што, повторно организирано ги делеле.

Обвинението за овој случај го напиша обвинителката Вилма Русковска.

В.В.

 

Поврзани новости