Четири месеци не почнува судењето за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

Никако да стартува судењето за „Талир“, случајот кој СЈО го отвори поради сомнежите за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи и денешното рочиште се одложи, поради отсуство на еден од обвинетите.

Во судница не се појави обвинетиот Леко Ристоски, кој имал операција. Од истата причина вчера се одложи и вчерашното рочиште за случајот „Титаник“.

Судењето за „Талир“ требаше да стартува на 18 февруари, но оттогаш не е оддржано ниту едно рочиште, поради различни изговори.

Минатото рочиште беше одложено на барање на одбраната, поради поднесено барање за автентично толкување во Собранието на членот 22 од законот за СЈО.

Во случајот „Талир“ обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески кои се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и „перење пари“, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото „перење пари“. За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ.

На Елизабета Чингаровска нема да ѝ се суди бидејќи таа се спогоди со СЈО, призна вина и доби условна казна затвор од две години, која нема да се изврши ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.

Според обвинението, тие незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на име на разни луѓе.

 

Поврзани новости