Братот на Ел Чека на протест побара Собранието да го легализира објавувањето на „бомбите“

by fokus

Стотина демонстранти се собраа денеска во Тетово во знак на протест по повод бомбите што ги објавува фејсбук корисникот под псевдоним Ел Чека. Неговиот брат, Блерим Ахмети, стои и зад организација на овој протест, како и на претходниот.

Демонстрантите побараа оставки од функционерите на ДУИ, владеење на правото, судска разрешница на скандалите од новообјавените „бомби“, како и правда за случаи во кои се инволвирани етнички Албанци.

Блерим Ахмети, кој е брат на Ел Чека, побара Собранието да изгласа законски измени со кои ќе се легализира објавувањето на „бомбите“.

-Се собравме тука да протестираме против мафијата во албанската политичка класа. Се собравме да побараме од Собранието да иницира процедура со која ќе се поништат одредбите со кои се санкционира објавувањето на прислушувани разговори. Бараме да се поништи овој закон. Венецијанската комисија има донесено одлука дека секој документ кој е од јавен интерес може да биде објавен. Овие разговори се повеќе од јавен интерес, бидејќи човековите права и Уставот на земјата со погазени – рече Ахмети додавајќи дека законот е донесен за да ги заштити албанските политичари.

За време на протестот организаторите ги повикаа демонстрантите да останат смирени и да не употребуваат насилство кон полицијата.

Во протестот учествуваа граѓани и од други градови како Куманово, Гостивар, Кичево и Струга, кои допатуваа организирано со автобуси. На топлата не и беше дозволено да се доближи до седиштето на ДУИ.

Поврзани новости