Бајден: Многу брзо очекувам подобрување на односите меѓу САД и Кина

by Fokus

Американскиот претседател Џозеф Бајден денес изјави дека членките на Г7 се договориле за заеднички пристап кон Кина, повикувајќи на диверзификација на синџирите на снабдување, за да се намали зависноста од таа земја, и навести дека наскоро може да разговара со кинескиот претседател.

„Не сакаме да се оддалечиме од Кина. Сакаме да ги намалиме ризиците и да ги диверзифицираме нашите односи со Кина“, рече Бајден на прес-конференција на последниот ден од самитот на Г7 во Јапонија.

Ваквиот пристап лидерите на седумте земји го истакнаа во вчерашното соопштение, поради што кинеската амбасада во Јапонија ја повика Г7, како што наведе, да престане да создава конфронтација и поделби.

Бајден и покрај ваквата реакција рече дека очекува подобрување на односите со Кина „многу брзо“.

Последниот спор меѓу двете сили беше околу кинескиот балон што беше соборен од САД откако прелета над чувствителни воени локации.

„Мораме да имаме отворена телефонска линија“, рече Бајден. Тој нагласи дека минатата година за време на состанокот на Г-20 на Бали се согласил да ја продолжи комуникацијата со Си Џинпинг, но се се променило по скандалот со балон со „два вагона шпионска опрема“.

Бајден навести дека наскоро би можело да дојде до промена во односите меѓу САД и Кина. „Што се однесува до нив, мислам дека ќе го видите тоа подобрување многу брзо“, рече Бајден.

Поврзани новости