Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вели дека влегуваме во клучниот, можеби и најважен период во борбата против корона вирусот.
-Токму затоа, сега е најважно секој од нас, без исклучок, постојано и доследно да ги почитува мерките за заштита. Ако сега се посветиме сите, преку строго преземање лична заштита, ќе успееме бројот на новозаболени да го сведеме на минимум. Ако тоа не го сториме, ни претстои долга и тешка борба со вирусот и закана по нашето здравје, нашата економија, нашето секојдневние, вели Заев.
Тој додава дека вирусот е опасен.
-Вирусот е тука, опасен е, иако е јасно е дека многу мал број граѓани имаат симптоми од него. Но, тука нема правила, секој од нас е под потенцијален здравствен ризик. Затоа, оваа битка можеме да ја добиеме само ако сите без оправдувања ги почитуваме мерките воведени од здравството и епидемиолозите.
Едноставно е, или сега ќе воведеме целосна контрола врз епидемијата или уште долго време ќе се бориме со ризиците. Само од нас и од никој друг зависи каков ќе биде исходот од оваа битка. Убеден сум дека ќе успееме, дека заедно ќе го совладаме невидливиот непријател. Затоа, сите да носиме маски, да држиме дистанца и редовно да дезинфицираме, порачува Заев.