Србија за само еден ден изброја 4.000 оздравени, наместо досегашните два теста, сега доволен им е само еден негативен

by fokus

Бројот на излекувани од корона вирусот во Србија се зголеми за нешто над 4.000 за само еден ден, што предизвика многу сомнежи, јавувaат српските медиуми.

Заменик-директорката на Институтот „Батут“, Дарија Кисиќ Тепавчевиќ, одговара дека за тоа не постојат непрофесионални или немедицински причини.

Причината, вели д-р Кисиќ Тепавчевиќ, е рекласификацијата на позитивните случаи. Таа вели дека во петокот е донесена одлука во Кризниот штаб досегашниот „строг“ пристап кон следење на Ковид-19 да се релаксира.

Имено, како што вели за „Танјуг“, на седницата на Кризниот штаб, било решено дека еден негативен ПЦР тест,  наместо претходните два, е доволен за асимптоматските пациенти да се сметаат за здрави и дека е скратено времето за следење на текот на болеста кај тие пациенти.

На веб-страницата „Ковид19“ во петокот бројот на излекувани лица изнесувал 6.931, додека еден ден подоцна тој број бил 11.056. До денеска бројот се искачи на 11.348 излекувани.

„Имајќи ја предвид поповолната епидемиолошка состојба кај нас, што првенствено се рефлектира во доминантно асимптоматски случаи, затоа што повеќе од 75 проценти не би биле откриени ако интензивно не трагаме по нив, на седница на Кризниот штаб во петокот решивме дека се создадени услови за помалку строг пристап кон надзорот“, вели таа.

Објаснува дека ова сега значи дека луѓето на кои им е дијагностициран вирусот и немаат знаци на болеста, по клинички преглед одат во домашна изолација, а не во привремена болница.

„Во согласност со новите критериуми, направена е рекласификација на статусот на сите позитивни случаи“, вели таа.

Во последните 24 часа во Србија се потврдени уште 82 случаи на вирусот, а едно лице починало, соопшти денеска Министерството за здравство на Србија.

Тестирани се 3.317 лица, а вкупно 272.502 од почетокот на епидемијата. Досега се регистрирани вкупно 11.823 случаи. Починале 249 пациенти. Во Србија активни се 475 случаи, а 15 пациенти се на респиратор.

Поврзани новости