Полиција да го донесе Јанакиески на следното рочиште за „Топлик“, бара обвинителот Рустеми

by fokus

Екс министерот Миле Јанакиески не се појави на денешното рочиште за случајот “Топлик”, поради што обвинителот Бурим Рустеми побара обвинетиот да биде стражарно приведен за следното рочиште закажано на 24 јануари.

На 15 декември пак адвокатите на Јанакиески, на судењето за “Шпански скали”, доставија медицинска документација според која обвинетиот го скршил коленото. А и денеска неговото отсуство го оправдаа со медицинска документација.

Поточно тогаш судијката Фанка Јанчулева Михаиловска информираше дека одбраната на Јанакиевски доставила оригинален документ од медицински преглед од 13.12.2021 година во „Аџибадем Систина”.

„Со оглед дека станува збор за фрактура на колено и се препорачува строго мирување на обвинетиот, денешното рочиште се одложува“, изјави тогаш судијката Михаиловска.

Обвинителот Рустеми пак денеска побара од судот да му наложи на Јанакиески да направи преглед на државната клиника.

Адвокатот Еленко Миланов пак вели дека Јанакиески оправдано отсуствувал од рочиштето, бидејќи имал сериозна повреда, односно скршеница и скинат лигамент на коленото.

Случајот “Топлик” се наоѓа пред завршница, а доколку од едно до друго рочиште поминат 45 дена без да се појави обвинетиот, тогаш случајот ќе мора да започне од почеток.

Според обвинението за случајот „Топлик“, првоосомничениот Миле Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

Од доказите, според обвинителството, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити“.
Во овој случај обвинети се уште петмина вработени во Министерството за транспорт и врски.

За утре пак е закажано рочиште за случајот “ТНТ”, каде што Јанакиески е исто така обвинет.

Валентина Вурмо

Поврзани новости