Зомби-реформи

by Фокус

Пишува
Синоличка ТРПКОВА

Сосема е јасно дека како држава и општество одиме во погрешна насока. Едноставно, немаме поколенија што ќе можат да понесат одговорност, да менуваат и вистински да создаваат подобро место за живеење.

Како прво, повеќе од дваесет години сме изолирани од светот. На почетокот на нашето осамостојување имаше обиди оваа „држава-сирак“ да најде татко, мајка или фамилија, ама откако сами се „отпишавме“, сè уште не сме никаде запишани. Збунети и изгубени, изолирани и деморализирани, веќе губиме надеж дека може да биде подобро.

Денес, оваа власт одлучно тури катанец на сите врати што водат надвор. За само осум години, освен што го метастазира главниот град во кич, бетон и во невкус, таа ги искасапи и ги „реформира“ двата најважни столба на една држава – здравството и образованието, и со тоа ни ја осакати и иднината.

24/7 БУДНОСТ, ХРОНИЧНА НЕНАСПАНОСТ, ИСПОЛНЕТИ „КВОТИ“

Власта инсталира „реформ-специјалци“ во овие области, задолжени со цврста рака да реформираат по терк – или по наше, или никако, и ги казнуваат и отстрануваат сите што ќе им се спротивстават. Лекари, учители, професори, доктори на науки, не е важно дали некој има ум, разум и бела коса, важно е да се спроведува реформата по директива од горе, од „централата“.

Професорите и докторите добиваат наредби како треба да ги извршуваат работните обврски. Тешко на тие што нема да остваруваат и исполнуваат. Не е важно докторот да лекува, не е важно дали пациентот е тешко или лесно болен – важно е реформите да се остварат и нормите да се исполнуваат. Шалтерско-бирократската норма е пред лекарско-етичката, инаку казна не ти бега.

Професорите, пак, мора да употребуваат литература исклучиво посочена од власта, инаку ќе платат огромна парична казна. Не е важно што, како и дали студентот научил, совладал, постигнал, важно е да се „чати“ од (пре)платената владина „библија“. И не дај боже, да заборавиш да пополниш дека си исполнил „квота“ на предавања и вежби, важно е да се остварува.

И покрај толку реформи и 24/7-будност, ние, за жал, одиме назад и сме хронично ненаспани. И со шума од прописи, потписи, пресуди, укази, дописи, отписи, наредби, не отидовме барем чекор напред. Ете, на пример, сме добиле некоја софистицирана апаратура за операции (што, патем, ни се сервира како најнова, иако веќе со години се употребува и на нашите државни клиники) – а болниците се полнат со пациенти заболени од шуга!? Кутри лекари, со толку знаење и современа опрема и шуга можат да префатат, па ќе се отепаат од чешање и уште ќе бидат казнети, нели, ако се чешаат дури оперираат.

Иако нашето здравство сè уште поседува ткиво од лекари кои прават натчовечки напори да лекуваат пациенти во невозможни услови, тоа ткиво е уште повеќе заболено од реформите на Министерството за здравство, што немаат врска со здравјето на граѓаните.

НАЈЗАГРОЗЕН ВИД – СЛОБОДНИТЕ, НЕЗАВИСНИ МЛАДИ УМОВИ!

И во образованието, приоритетите не се ставени на создавањето генерации што ќе мислат, градат и ќе создаваат напредок, туку на казнувањето на непослушните учители. Професорите се одржуваат во вечна фаза на кукли (или кокони) што не смеат да метаморфозираат во пеперуги – без дозвола одозгора. Мојата генерација е веројатно една од последните што учеше да „лета“.

Малкумина од нас и „летаат“ (често и од работа), но поголемиот дел упорно се трудат да ги задоволат наредбите од власта и глумат „кукли“. Тоа ми заличува на филм во кој некое младо детиште-царче им се кочопери и ги малтретира дворјаните и плебсот. Иако секој би можел да го исплеска по газот, никој не се осмелува. И сите веднат глава и се клањаат, потајно надевајќи се дека ќе се најде некој друг јунак, „непослушен учител“, што ќе го исплеска по газ детиштето.

Ама со вакви јалови даскали – јалова е и таа лоза што ќе никне од нив. Оние што излегуваат од клупите на нашите училишта и универзитети и оние што се лечат во нашето здравство се најдобар показател за „достигнувањата“ на оваа власт. Слободните, независни млади умови и здравите и среќни граѓани што треба да создаваат заедничка иднина се најзагрозениот вид во нашето општество, вид пред изумирање поради силните реформи на власта. Овие реформи создаваат зомби-луѓе.

Денес кај нас најценети се ѕидарите. Тие секое утро масовно се „растовараат“ од автобуси во центарот на градот, ги вклучуваат мешалките и ги заѕидуваат сите преостанати слободни и отворени места со бетон и малтер. Да нема простор ни за провев, ни за зрак, ни за видик.

Да нема зеленило, ни боја, ни живот. За сè да биде остварено така како што сонило и замислило царчето. За зомбијата создадени од овие реформи да добијат нов и прикладен дом. Верувам дека барем според број на зомби-луѓе на квадратен метар бетон сме на прво место во светот. Важно да сме први во нешто!

Поврзани новости