Клучката е таму, каде е мобилниот?!

by Фокус

Текстот е објавен 19 јули 2013 година во неделникот „Фокус“.

Пишува
Александар ДИМИТРОВ

Поминаа 114 дена од трагичната сообраќајна несреќа во која загина основачот и сопственик на „Фокус“, најслободоумниот и безмерно најхрабриот новинар Никола Младенов. Борец за слобода, вистина, правда. И прекрасен, голем човек! Со Никола се знаеме од крајот на 1980-тите, кога со „Млад борец“, како „мразокршач“ и предвесник, почна ширум и незапирливо да ги отвора демократските процеси во Македонија. Нашето познанство продолжи некоја година потоа, кога неделникот „Фокус“ веќе стана силен бренд „на внатрешниот, а богами и на надворешниот непријател“, и прерасна во искрено, нераскинливо и несебично пријателство и секојдневно другарување.

Иако ми е претешко, ќе се обидам колку што можам да ги оставам настрана емоциите, тагата, бесот и револтот, да го опишам денот откога Никола веќе не е со нас. Знам како ѝ е на неговата силна жена Билјана и на децата, на неговата мајка и сестра, кои му беа најважни, на најблиските и на соработниците… И мене не ми е лесно – јас и моето семејство – изгубивме другар!

 

ДЕН КОЈ НИКОГАШ НЕМА ДА ГО ЗАБОРАВАМ

Среда, 27 март 2013 година. Неколку минути по 6 часот наутро. Ѕвони мобилниот, повик од Билјана Младенова. Растреперен и вознемирен глас: „Никола го нема цела ноќ!“. Ми рече дека го барала на неговиот втор мобилен телефон кој пред да излезе, нешто пред 20 часот претходната вечер, само тој го понел со себе. Ѕвони, а не одговара. Јанѕата почна да ме гризе. Тоа воопшто не личеше на Никола, кому секогаш на прво место му беше семејството.

Билјана, заедно со неговата сестра и нејзиниот сопруг, веќе го барале во ресторанот накај Сарај, во кој често одеше. Отидоа да проверат во Ургентниот центар, во Градската болница… Јас се јавував во Брза помош, на дежурниот број на полицијата и во АМСМ. Потрагата беше неуспешна, немаа никакви информации. Повеќепати го барав и на неговиот мобилен, кој беше вклучен и работеше, но веднаш по првиот сигнал, даваше знак „зафатено“. И сѐ така, некаде до околу 11 часот, мобилниот беше вклучен. Лажна надеж во првите моменти на немир!

Немав што друго, бидејќи не познавам никого во Полицијата, околу 8 часот и 30 минути му се јавив на пратеникот Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи, и го замолив за помош. Тој му беше и кум на Никола. Добив и утешителен одговор дека тоа сега барем е лесно, бидејќи ако му работи мобилниот, ќе го лоцираат за 15-20 минути. Не беше така. По кој знае колку разговори и информација дека полицискиот врв ја следи ситуацијата – пресврт. Поради деликатноста и процедурата, Билјана ќе мора да отиде во најблиската полициска станица и да го пријави Никола како исчезнат.

Солзите веќе не можеа да се запрат. Излетав од дома за да се најдеме таму. Тоа што на улицата имаше полициски автомобил кој возеше зад мене дотаму, помислив дека е некаква случајност. Пред полициската станица дојде и мојата сопруга, бевме нешто по 10 часот и 15 минути. Најавените 15-20 минути за лоцирање на мобилниот на Никола стануваа мачна вечност, која продолжи со неверојатно бавната, а требаше да биде брза процедура на поднесување на пријавата од страна на Билјана (не дозволија никој друг да биде со неа). Покрај основните податоци, како да е тоа важно, бараа и банални и небитни податоци за неговите родители, па дури и двата „пин кода“ на мобилниот „Samsung Galaxy S3“. Сето тоа траеше речиси час и половина.

 

ГО ЛОЦИРАВМЕ ПО МОБИЛНИОТ!

Додека панично чекавме, од Трајанов конечно разбрав дека мобилниот е лоциран кај, или во, Трубарево. Нешто слично, со додавка „веројатно“, кажа и еден од полициските инспектори што беа таму, пред да замине „на терен“.

Ние петтемина се упативме кон Трубарево. По пат, на самиот влез, стигна најлошата вест. Трајанов ми јави дека „Мерцедесот“ е пронајден и дека Никола загинал во сообраќајната несреќа! И, конечно, уште еден телефонски повик: „Одете на клучката кај Хиподром“!

Таму бевме некоја минута пред 13 часот. Хорор-сцена! Шок, тага, лелеци, револт, бес… Имаше многу полицајци во униформа и во цивил, покрај 16-18 полициски возила „Јети“ и десетина со обични таблички и едно возило на „Брза помош“. Запревме на делот од автопатот каде што излетал Никола. Недостасуваа две крила од банкината на десната страна од патот. Од таму „Мерцедесот“ воопшто не се гледаше. Морав да поминам 70-тина метри (околу 100 чекори) за да го здогледам превртениот „Мерцедес“. Потоа ми дозволија да отидам и од другата страна на клучката. Глетката беше уште постравотна: го видов „како фрлено“ и телото на Никола, на повеќе од 10-тина метри од возилото.

Околу 13 часот и 30 минути пристигна истражниот судија и заменикот јавен обвинител. Нешто потоа, и екипа на Судска медицина. Почна увидот. Не сум стручњак во оваа област, но сето тоа ми се чинеше некако аматерски. Полицајци мереа и снимаа, бараа по коловозот траги на кочење и траги на оградите (таму немаше ни сантиметар боја од возилото!). Крим-инспектори без специјална облека како да се „шетаа“ во долот каде што беше телото и возилото, без посебна вообичаена шема кога се пребарува и прибираат докази. Нешто собираа, а изгледа многу пропуштија и заборавија. Сѐ беше некако „офрљ“, или, како што велат постарите, „како песот со опашката“.

Замина возилото на „Брза помош“ (можеби така слушнав, но некој како да спомна дека некое време дури и на медицинската екипа не ѝ дозволувале да се симне до телото), а дојде возило на Судска медицина. Телото на Никола беше однесено во 15 часот и 35 минути. Десетина минути потоа, местото на несреќата го напушти истражниот судија и заменикот јавен обвинител. На клучката останав до 16 часот и 30 минути.

 

ДЕНОВИ НА ШОК И НА ТАГА

Веста за загинувањето на Никола Младенов, бескомпромисниот борец за слобода, вистина и правда, тажно одекна во македонската јавност. За жал, не и кај власта. Таа молчеше, дури ниту збор со сочувство не изрази. Веста се пренесе и по светските медиуми. Неверување и само едно прашање: „Зарем е можно?“. Таква траорна атмосфера беше и следниот ден, на комеморацијата, кога одекна громогласниот аплауз за него и неговото дело, и на последното испраќање до вечниот дом.

Следуваше уште една повторена истрага, овојпат со „сите нишани“, и тоа девет дена по несреќата. Што најдоа, не се разбра. Важно, во јавноста да се создаде впечаток дека се работи на случајот или, пак, конечно да се дојде до вистината што се случило.

И „гласот на јавноста“ не мируваше. Се ширеа и множеа секакви претпоставки, шпекулации и теории, дури и оние на заговор. За тоа наголемо помагаше и „трапавото“ однесување на задолжените и на одговорните за истрагата. Тапкаа во место, кое сѐ повеќе стануваше „жив песок“. Дури по две недели се појави портпаролот на Кривичниот суд, кој невешто и збунето соопшти дека се работи за „несреќен случај“, кажа некои податоци, возел 160 км/ч, немал алкохол, па дури и дека имал цигара во раката (?!). И најважното, дека не му е познато дали е пронајден мобилниот телефон. Да, оној истиот според кој го лоцираа.

Потоа од скопското јавно обвинителство изјавија дека работат на расветлување на случајот и дали има елементи на кривично дело. Дури и Јавниот обвинител на Македонија потврди дека „веројатно – не веројатно, туку се работи за сообраќајна несреќа“. Јавноста сѐ повеќе и погласно бараше детали и комплетна, дури и независна меѓународна истрага, за разјаснување на сите околности.

Пред неполн месец, во Македонија дојде Франк Ла Ру, специјален известувач на Генералниот секретар на ОН за слобода на медиумите. Сериозно загрижен за слободата на медиумите кај нас, побара да се спроведе комплетна истрага за загинувањето на Никола Младенов, како што рече, „поради сомневањата за убиство“.

„Властите ми одговорија дека немаат ниту еден доказ за да можат да го третираат овој случај поинаку отколку како и секоја друга обична сообраќајна несреќа за која не треба да има истрага. Мојот став е дека ако има некакво сомневање… како се случила несреќата, таа може да биде намерно испровоцирана. Несреќата се случила ноќе, без сведоци и заслужува целосна истрага. Битно е да се утврдат околностите како се случила. Ако има и најмал сомнеж во јавноста, затоа што бил контроверзен новинар во однос на сториите што ги истражувал, тоа заслужува да добие темелна кривична истрага“, изјави тој. Целта е „колку што е можно побрзо да го отстранат облакот на сомнеж и страв“, создаден од трагичната смрт на Младенов. Веднаш му одговори Јавниот обвинител на Македонија: „Истрагата се води по истите закони, како и за останатите граѓани во Македонија“.

 

КОЈ ЌЕ ЈА ИСТРАЖИ ИСТРАГАТА?

Како што власта вети, така и направи. На 10 јули оваа година, по три и пол месеци, „експресно“ ја затвори истрагата! Невообичаена прес-конференција на највисоко правосудно ниво. Во „дрим тимот“, кој како да си се „охрабруваше“ во сопственото неверување дека ја откриле вистината, беа Републичкиот и Скопскиот јавен обвинител, министерката за внатрешни работи и претседателот на Основниот суд Скопје 1. Што, нели, е вообичаено за секој македонски граѓанин.

Со неверојатна леснотија, од која барем јас (верувам и повеќето) добив мачнина, истрагата е затворена! Кратко и јасно: Сообраќајката во која загина Никола Младенов, е несреќен случај. Смртта настапила кратко време по излетувањето на возилото „Мерцедес“ во бездната кај клучката „Хиподром“, а единствена причина е раскинување на аортата. Накратко, неприспособена брзина и несоодветна траекторија на движење. Досега успеале да истражат и имаат докази дека Младенов, кој бил сам во возилото, возел со брзина од 142 км/ч и удрил во металната банкина на патот Велес – Скопје. Возилото се стрмоглавило и превртело во бездната, по што неговото тело излетало од возилото преку предната шофершајбна и било најдено на седум метри од автомобилот.

Дали присутните од власта, со нагласката „до овој момент од сите докази што ги има Јавното обвинителство не произлегува дека оваа сообраќајна незгода во која загина Младенов е резултат на сторено кривично дело“ – оставија можност во иднина да има и некои други „моменти и докази“? А ова нивно „фаќање кривина“, кога-тогаш ќе се разјасни. Веднаш да нагласам, досега немам ништо видено и прочитано како официјален документ. Моите впечатоци се врз основа на прочитано во весниците или видено и слушнато на телевизиите. Затоа ќе се задржам само на некои работи.

Прво, каде исчезна мобилниот за кој првично се тврдеше дека според него го лоцирале? Можеби и навистина не го нашле и да го нема, сѐ е можно. Но, ако го има, а се крие, тогаш е поради најмалку две причини:

1. Секој мобилен оператор, во случајов „One“, според локацијата на влезот во базните станици може да направи триангуалација на координатите на движење. Истрагата и потврди дека го утврдила „неговото движење по базни станици“, ама, за чудо, само за Скопје?! Значи, се знае каде и кога се движел Никола. Па, зошто тогаш не кажуваат?

2. Според исписот на појдовни и дојдовни повици, и на СМС-пораките, лесно се открива кога и со кого комуницирал тој. Побарани се или не, ги има ли, или и тие се премолчуваат? Крајно нелогично е тој туку-така неколку часа бесцелно да се возел на релацијата Скопје – Велес – Скопје. И од 16 часот и 5 минути на 26 март, 8 часа со никого да не разговарал – тоа е невозможно.

Второ, дали е извршено вештачење на „Мерцедесот“?

Трето, каде бил Никола таа кобна ноќ? На толку полиција во државава, несфатливо е да не се утврди дали, каде и со кого бил и со кого комуницирал! Како службите, покрај толку софистицирана опрема за набљудување и начини на „покривање“, да не го знаат тоа? Ниту една камера во Скопје, на автопатот и наплатните рампи, баш таа ноќ не работела. Истрагата не даде одговор и дали, поради гласините, се собрани информации од објектите на велешкото езеро „Младост“. Се сретнал или не со некого таму? Зошто не чувствувале потреба да земат изјави од вработените на наплатните рампи.

Четврто, кој и како ја открил несреќата? Првата верзија на сите домашни и странски медиуми е дека е лоциран преку мобилниот. Потоа „прикаската“ ја сменија, пријавила екипа на „Македонија пат“. Сега и најнова верзија: Возилото и телото на Младенов биле пронајдени „по пријава на едно до две лица“ (?!), кои со возило поминувале кај клучката, забележале дека дел од оградата недостига и има превртено возило, па веднаш се јавиле во полиција. Веќе напишав, и дење од таму не можеше да се види возилото, а камоли ноќе…

Петто, како и кога точно се случила несреќата и кога настапила смртта? Обвинителството и полицијата мора да го утврдат тоа. На толку современа форензика, искусна крим-техника и Судска медицина, тоа мора прецизно да се знае.

Шесто, со која точно брзина удрил во банкината? Со 160 км/ч или со 142 км/ч?

Како и да е, истрагата за загинувањето на Никола Младенов, жестокиот критичар на сите власти, формално е завршена и затворена. Тоа било сообраќајна несреќа. Може да се мисли дека сето тоа е направено трапаво, непрофесионално, дилетантски и со сѐ уште недоразјаснети околности и дилеми, а и како да се потценува интелигенцијата на домашната и на меѓународната јавност. Наместо „ад акта“, допрва ќе се разгоруваат мистерии, разни шпекулации и сомнежи.

Шепотењето ќе станува сѐ погласно и сѐ позастрашувачко. Ништо не треба и не смее да се тврди со сигурност. Можеби навистина е обична сообраќајна несреќа. Истрагата мораше да го утврди тоа, давајќи издржани одговори на клучните прашања. Ако не, тогаш најважното прашање ќе биде „Кој ќе ја истражува истрагата?“ И тоа веројатно ќе се случи, кај да е. Од внатре или од надвор, сеедно. Пресилни се слободољубивите и демократските луѓе. Македонија е земја и на чудата. А вистината ќе мора да се дознае. Оти, нели, таа е како шило!

Господ можеби не, но ѓаволот изгледа знае што се случувало ноќта меѓу 26 и 27 март 2013 година.

Поврзани новости