Жената на која шест члена од семејството и се инфицираа од Ковид–19 раскажува: Мачињата и помогнаа на ќерка ми да не мисли на болеста!

by fokus

Корона вирусот затропа на вратата на Демир Капија на 23-ти април, кога од Министерството за здравство беа потврдени првите два случаи, брачен пар на возраст од 54 и 60 години. Поради пројавени симптоми, како треска и отежнато дишење, сопружниците беа пренесени во велешката болница, на инфективно одделение.

Истите, најверојатно се инфицирале со Ковид 19 во Скопје, во болница, каде се лекувал нивен близок роднина, кој починал на 9-ти април, од карцином на белите дробови.

Но, по поврдата на вирусот кај сопружниците од Демир Капија, приказната со инфекцијата не запре.Набргу од корона вирус заболеа уште четири члена на нивното семејство.

Нивната ќерка, жена на возраст од 37 години, за ,,Фокус” раскажува за патот со корона вирусот кој го минало ова семејство, и кој се уште не е целосно завршен.

-По позитивните резултати на моите родители, симптоми покажа и мојата десетгодишна ќерка. На тестот и таа беше позитивна. Исто така, инфицирана беше мојата снаа за брат, мојот партнер и баба ми. Поради возраста, баба ми беше пренесена во болница во Велес, каде се уште се лекува. Нејзиниот контролен тест е позитивен.
Моите родители по два негативни теста се вратија дома, за партнерот чекаме земање на контролен брис, додека пак ќерка ми и снаата имаа еден негативен тест, сега чекаме по втор пат да бидат тестирани, со цел да се утврди дали се целосно оздравени од вирусот – раскажува К.В. која има низа на хронични болести, но за среќа нејзе вирусот ја одминал.

Таа вели дека сега целото семејство се чувствува физички добро. На почетокот, нејзината ќерка имала висока температура, болки во грбот, кашлица, изгубила сетило за вкус и мирис.

-Можам да кажам дека општо, поминавме добро. Малата примаше Сумамед и Тамифлу пет дена, во текот на целиот период плус добиваше разни витамини. Бидејќи се лекуваше дома, а се работи за долг период, од околу еден месец, сите затворени, единствена занимација и беа домашните мачиња. Си играше со нив, и минуваше времето, ја расположуваа. Не дозволивме да се мисли негативно, да не надвладее стравот од непознатата болест.
Се надевам дека вториот тест ќе и биде негативен, како нејзе, така и на мојот партнер и на снаата, веруваме дека и баба ми ќе се излекува, бидејќи е во добра состојба, па да го затвориме ова поглавје во нашиот живот – раскажува мајката.

Додава дека психички доста се изнемоштиле за цело ова време. Чекањето на тестовите им паднало тешко, неизвесноста била голема.

-Ако физички можам да кажам дека поминавме без некои големи трауми, психички работата оди потешко. Не знам зошто така функционира системот, наместо по 14 дена од потврдување на вирусот да се прави нов тест, се чека 25 дена. Во ваква состојба, напнатоста е голема и сето тоа влијае на психата. Би рекла дека ќерка ми, бидејќи е дете, од таа страна помина полесно, со игри со миленичињата, со разни занимации, но возрасните тоа потешко го минуваат, тој психички притисок – појаснува К.В.

Во Демир Капија до сега има седум случаи на корона вирус. Шест од семејството на К.В. и еден изолиран случај.

Како излекувани се водат два случаи, односно нејзините родители, а за останатите се очекуваат тестирања во наредниот период.

Вики Клинчарова

Поврзани новости