Вонредната состојба го зголеми ризикот од семејно насилство, Владата да подготви мерки за превенирање по укинувањето

by Fokus

Поради пандемијата со Ковид-19 во земјава е воведена вонредна состојба. Сите граѓани се затворени во своите домови, па така и жртвите заедно со насилниците ги поминуваат овие денови. Можноста за пријавување на насилство е драстично намалена, а зголемен е ризикот од психичко и физичко малтретирање.

Од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство истакнаа дека домот за многу жени кои се жртви на семејно насилство и на интимно партнерско насилство не е сигурно место на живеење.

– Со овие мерки, жените жртви на насилство и нивните деца (доколку ги имаат) се ставаат во многу тешка и во некои случаи и во животно загрозувачка ситуација. Во држава во која е прогласена вонредна состојба, децата се дома цел ден, затворени се сите кафулиња, ресторани, кафеани, затворени се и спортските обложувалници, како и сите останати можности за социјални активности, пријателите се дома со своите семејства, затворени се сите места каде може да се канализира агресијата и единствено што останува достапно е семејството, сопругата/партнерката, децата, родителите, посочи Елена Димушевска, извршна директорка на мрежата во изјава за МИА.

Во однос на пријавите за семејно насилство во периодов откако е воведен полициски час во земјава, Димушевска вели дека се уште е рано да се оцени, но како што истакна, воопшто не би било изненадувачко доколку бројот на пријави не е драстично зголемен, особено ако се земат предвид околностите.

– Откако се затворија градинките и училиштата и беше прогласена вонредна состојба, жените во најголем дел останаа во домот да се грижат за децата. Пристапот до институциите е намален, повеќето од нив работат од дома или само на телефон. Контактот со пријателите и соработниците е намален, и жената е постојано во присуство на насилникот. Па оттаму и можноста да пријави насилство е намалена, односно нема можност. Дополнително, воведувањето на полициски час уште повеќе ги затвори жртвите во домот, нагласи извршната директорка на Мрежата.

Таа истакна дека е загрижувачки е фактот што бројот на пријави за семејно насилство драстично ќе се зголеми по завршување на вонредната состојба и институциите нема да можат да одговорат соодветно и да ја обезбедат заштитата за сите оние жени и деца на кои ќе им биде потребна.

– Затоа е наопходно државата итно да подготви мерки за заштита на жртвите на семејно насилство по завршување на вонредната состојба, односно да ги зголеми капацитетите за згрижување, финансиски да ги поддржи сервисите раководени од граѓанските организации и да развие модели за реинтеграција и рехабилитација на жени жртви кои ја напуштиле насилната средина, потенцираше Димушевска за МИА.

Имено, по барање на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство да не бидат санкционирани, жените кои ќе мора да го напуштат домот и да пријават насилство во времетраење на полицискиот час. Министерството за внатрешни работи соопшти дека граѓаните кои сакаат да пријават кривично дело тоа треба да го сторат на бесплатниот телефонски број 192 или во најблиската полициска станица и за тоа не им е потребна посебна дозвола. Тие непречено можат да се движат до најблиската полициска станица.

– Истото важи и за граѓаните на кои поради извршено насилство или друго кривично дело им е потребна помош во здравствена установа, значи за тоа не е потребна посебна дозвола. Институциите функционираат без исклучоци за заштита на граѓаните и по сите пријави за семејно насилство се постапува координирано со тимовите на центрите за социјална работа, наведоа од МВР.

Поврзани новости