Нови 13 заболени од Ковид-19 се регистрирани на подрачјето на регионот што го покрива Центарот за јавно здравје во Струмица во изминатото деноноќие, а двајца пациенти на 29 и 44 години се починати, од кои едниот вчера при транспорт за Скопје, информира директорот Петре Витанов.
– Новозаразените се на возраст од 8 до 62 години. Потекнуваат од досегашни кластери, но и од нови. Апелираме за доследно почитување на мерките за заштита и санкционирање за непочитување на истите. В четврток треба да се одржи проширен состанок со присуство на градоначалници од регионот и поголем број државни институции, изјави директорот на Центарот за јавно здравје во Струмица, Петре Витанов.
Тој појасни дека во денешниот извештај на Министерството за здравство се објавени нови девет заболени од Струмица, но не се ставени резулатите од тестирањата од приватните болници за четворица новозаболени.
Пред три дена во Струмица беа регистрирани 11 нови случаи на заразени од коронавирус, а денеска е забележан најголем број на новозаболени. Досега во Струмица се починати седум лица.
Инаку, актуелната состојба со Ковид-19 се разгледуваше на денешниот координативен состанок што се одржа во Општината.
-На состанокот се разгледуваа мерките од Владата за спречување на ширењето на коронавирусот, базирани на Законот за заштита на население од заразни болести. Заедничка е констатацијата дека актуелната состојба е релативно загрижувачка, имајќи в предвид дека бројот на заболени расте. Факт е дека заболените не се само од повозрасната популација, туку таргет група на заразени се од 15 до 30 години, информираа денеска од Општина Струмица.
Апелираат до сите граѓани да ги почитуваат мерките за задолжително носење маска и одржување физичка дистанца, а одговорното однесување на сите физички и правни лица е клучен фактор за стабилизирање на состојбата и заштита на здравјето.