Првите дози на вакцината „Фајзер“ во Србија ќе пристигнат во понеделник или вторник, во првата транша ќе има нешто помалку од 5.000 дози, а ќе ги примат корисниците на домовите за стари лица, изјави српскиот министер за здравство, Златибор Лончар.
Дозволата за увоз на вакцината на компанијата „Фајзер“ и „БиоНТек“ е издадена вчера во Агенцијата за лекови и медицински средства.
-Тоа е голем успех ако се знае дека само неколку земји во Европа и светот можат да се пофалат дека ќе имаат вакцини во тој период, кажа министерот.
Тој изрази надеж дека дозволата ќе ја добијат и други производители и дека граѓаните на Србија ќе имаат можност да ја изберат вакцината, истакнувајќи дека вакцинацијата ќе биде бесплатна.
Според него, Србија е меѓу првите кои добиле вакцини затоа што била една од првите пет земји во светот кои потпишале договор со компанијата „Фајзер“.