Во Софија протест против „Маршот на Луков“: Ние сме против профашистички, ксенофобичен и екстремистички настан

by fokus

Во Софија денеска се одржува протест под мотото „Без нацисти на нашите улиците“ поради најавениот Марш на Луков, јави дописникот на МИА од Софија.

Учесниците на протестот се изјаснија против омразата и поделбата и за поддршка на еднаквоста без оглед на расата, етничката припадност, полот и економскиот статус.

Демонстрантите извикуваа „Софија не е фашистички град“ и носеа транспаренти на кои пишуваше „Луѓе разбудете се!“.

– Тука сум затоа што ја поддржувам борбата за подобар свет во кој сите можеме да живееме заедно без дискриминација, без предрасуди и насилство. Јас исто така не го поддржувам подемот на кој било нацистички или друг тоталитарен идол, како што е Маршот на Луков, против кој исто така сме тука, истакна еден од демонстрантите.

Додека европратеникот Петар Витанов од Бугарската социјалистичка партија ( БСП) истакна: „Ова е наш облик на протест против подоцнежниот Марш на Луков, профашистички, ксенофобичен, екстремистички настан, со кој не можеме да се согласиме“.

Маршот на Луков е инициран од Бугарскиот национален сојуз (БНС), формиран во 2001 година од Бојан Расате, а сега е под водство на Звездомир Андронов и Пламен Димитров. БНС историски гледано е блиска до Сојузот на бугарските национални легии (СБНЛ), предводен од генералот Христо Луков.

СБНЛ е националистичка организација создадена пред Втората светска војна, дефинирајќи ги комунистите како нејзини главни идеолошки противници. Нејзиниот лидер генерал Луков беше министер за одбрана на Кралството Бугарија во периодот од 1935 до 1938 година. Тој на 13 февруари 1943 година беше убиен од комунистите.

На првиот Марш на Луков учествуваа 15 лица, а последниот околу 2.000 луѓе.

Поврзани новости