Полските власти најавија нови мерки насочени кон спречување на ширењето на пандемијата на коронавирус, откако е регистриран рекорден број на нови инфекции во земјата петти ден по ред,односно денес се регистрирани
повеќе од 5.000 нови случаи.
Отсега натаму, старите лица ќе можат да одат на шопинг секој ден од 10 до 12 часот, во време одредено за нив, а државата ќе плати дополнителни 38 милиони злоти на домовите за пензионери, изјави полскиот премиер Матеуш Моравиецки пред новинарите.
Но, тој додаде дека верува дека сè уште нема потреба да се затвораат училиштата, иако на почетокот на неделата навести дека владата може да донесе одлука за таков потег.
„Досега не гледаме потреба да се воведе учење од далечина“, рече Моравиецки, додавајќи дека Владата ќе разговара секоја недела на состанокот дали се потребни дополнителни ограничувачки мерки за да се спречи ширењето на пандемијата.
Според Министерството за здравство, во последните 24 часа биле извршени 28.300 тестови за коронавирус, а потврдени се 5.300 нови случаи.
Во Полска, земја со 38 милиони жители, досега се регистрирани 121.638 потврдени случаи на инфекција со коронавирус и 2.972 смртни случаи. Во првиот бран на пандемијата во пролетта, најголем број на дневните случаи беа неколку стотици.
И другите земји од Централна и Источна Европа се соочуваат со нагло зголемување на бројот на заразени лица. Во Чешка, денеска се пријавени 8.618 нови случаи.
Ограничувачките мерки објавени во четвртокот, вклучително и носење маски на отворено,од денеска стапија на сила. Дополнителните мерки се однесуваат на старите лица и стапуваат на сила на 15 октомври.