Во корона вирус не веруваат, од оро и „лепење” бакшиш не се откажуваат!

by Fokus

Од почетокот на пандемијата до денес во земјава починаа 725 лица, а дури 17.629 лица се инфицираа со вирусот, но очигледно дека ниту овие бројки не се доволни за да добар дел од населението поверува дека сепак, Ковид-19 постои, и секојдневно носи нови жртви.

Тврдењата на скептиците, кои и покрај тоа што многу од нив не се ниту медицински лица и не се компетентни да навлегуваат во епидемиологијата, уверуваат дека вирусот не постои и станува збор за наводен светски заговор, придонесоа уште повеќе да се рашири инфекцијата, поради непочитувањето на мерките и кршењето на препораките на здравствените власти.

Голем број на кластери потекнаа од семејни забави, кои и покрај тоа што се строго забранети, се уште се одржуваат во домашна атмосфера, а неретко и во ресторани. Заобиколувајќи го ризикот дека ќе бидат фатени, а и казнети, многу семејства изминатиот период со голем борј на гости славеа венчавки, крштевки, имендени и домашни слави. Некои од нив, дури и на социјалните мрежи се фалат со видео снимки од забавите, на кои е очигледно кршењето на мерките, каде без заштитни маски и потребно растојание, па и со жива музика и оро се занемарува фактот дека владее опасен вирус, кој стотици луѓе во земјава го платија со живот.

За време на викенд, видео клиповите со прославите се секогаш побројни. Дури и фолк пејачки, кои ги забавуваат гостите на семејни веселби, не можат да одолеат, а да не споделат некоја фотографија, или пак дури и снимка на која се гледа орото во позадина, и секако, лепењето на бакшиши. Кога станува збор за настапите на музичарите во живо, на самиот почеток на пандемијата, на средина на месец март, истите беа строго забранети. Следеа бурни реакции на музичарите, дека се доведени на раб на егзистенција, убедувања со здравствените власти дека мора да им се дозволи да настапуваат, под строги протоколи кои ќе ги почитуваат, за да конечно на крајот на месец август Владата донесе измени во врска со забраната за организирање на музички настани.

Беше дозволено да се одржуваат настапи во живо, во отворени и затворени делови на угостителски објекти, а уметниците кои треба да се во состав од најмногу пет члена, да се на бина која е на пет метри оддалечена од првите маси. Шетање на пејачките помеѓу масите, пеење на увце на гостите и ,,лепење” на бакшиши, односно близок контакт на музичарите со гостите, не е дозволен. Сепак, од она што може да се види на социјалните профили на добар дел од фолк естрадата, многу пејачки едноставно не можат да останат на бина во тек на целиот настап во кафеана, па традицијата со шетање по маси и собирање на бакшиш, и покрај сите забрани и предупредувања, останува. Без страв од санкции, или пак од евентуална зараза со вирусот, многу од нив со гордост ги споделуваат тие моменти на социјалните мрежи.

Некои од подосетливите пак, за време на настап, додека се помеѓу гостите, пејат со маска на лице. Нема одговор дали се работи за неверување во вирусот, борба за егзистенција, или пак едноставно, шетањето помеѓу гости е навика која тешко може да се искорени кај голем дел од фолк естрадата. И оние кои се дрзнале да организираат семејни прослави, и покрај тоа што е актуелна забраната за играње, како и забрана за организирање на прослави од било каков вид, во затворен и отворен дел од објект, очигледно дека не се плашат од ширење на заразата. Речиси да нема викенд, кога не се објавуваат фотографии и видео снимки од семејни забави, на кои задолжително се игра оро.

Забраната донесена со Уредба на Владата поради Ковид-19 не се почитува, не само во куќи и викендички, туку и во ресторани. И покрај контролите на Пазарниот инспекторат, кои се вршат од страна на над 120 инспектори на ниво на цела држава, сепак очигледно е дека никој не може да ги запре оние кои решиле да слават, било да е тоа семејна слава, венчавка, крштевка, роденден, именден… Денес министерот за здравство Венко Филипче посочи дека доколку се продолжи со непочитување на мерките за време на настани, може да бидат преземени и дополнителни рестриктивни мерки, а една од нив е и целосната забрана за настани, односно концерти.

Околу актуелната забрана за организирање на прослави од било каков вид, редовно се апелира до јавноста да се почитува, но сепак, од она што редовноможе да се види на социјалните мрежи, очигледно е дека забраната во голем дел ниту се почитува, ниту пак организаторите и гостите на прославите веруваат во вирусот. Што би рекле најтврдокорните скептици, ако треба и ќе изгинеме, од оро и ,,лепење” бакшиш не се откажуваме!

Вики Клинчарова

Поврзани новости