Бројот на починати од корона вирусот во Бразил го надмина бројот на жртви во Италија, додека во Мексико е регистриран рекорден број на заразени во еден ден во време кога лидерите во Латинска Америка ги олеснуваат мерките за забрани и повторно ги рестартираат економиите, јавува Ројтерс.
Овој дел од светот стана ново жариште на пандемијата на корона вирусот, а здравствените претставници преупредуваат дека економиите не треба да се отвораат премногу брзо за да се избегне поголемо собирање на луѓе.
Во Бразил во изминатите 24 часа забележани се 1.437 смртни случаи, што е нов рекорден број трет ден по ред.
Вкупниот број на жртви во оваа земја сега е 34.021, а повеќе починати од корона вирусот имаат само САД и Велика Британија.
Мексико регистрираше 816 нови смртни случаи, додека вкупниот број надмина 12.000.
Од почетокот на пандемиајта бразилскиот претседател Жаир Болсонаро ја намалува опасноста од пандемијата, критикувајќи ги мерките за социјално дистанцирање и апелира регионалните власти да ги укинат рестрикциите поради економијата.
Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор предупреди на состојба на „психоза“ напоменувајќи дека во однос на вкупниот број на жители од 130 милиони луѓе, бројот на починати во Мексико е многу помал отколку во многу други земји.
Многумина во Латинска Америка живеат од заработки кои ги остваруваат од ден на ден во неформален економски сектор, па многу регионални лидери се подготвени да ги отворат локалните економии поради опасност од раст на глад и криза на јавните финансии, јавува Ројтерс.