Утре започнува Д Фестивал: Светски ѕвезди доаѓаат во Дојран!

by fokus

Љубителите на алтернатива со нетрпение го очекуваат одржувањето на популарниот Д Фест, кој ќе започне на шести и ќе трае до осми јули кај Дојранското крајбрежје.
Фестивалот кој прв пат се одржа во 2011 година, и покрај тоа што е релативно нов, секоја година поминува во одлична атмосфера и со многу посетители. Доаѓаат домашни, но и интернационални туристи, а фестивалот и годинава ги постави шаторите на крајбрежјето.
На седмото по ред издание на Д Фестивал, најавени се големи музички имиња од домашната, но и светската музичка сцена.

Во петок, на шести јули настапи ќе имаат Горан Трајковски, Никифор, Гоце Саф, Чваре, Страјк, Who see, Conquering lion, Paul Van Dyk, Conspiracy, Kiklop and the banshee и многу други.
Во сабота, во пет минути до полноќ, на главната сцена концерт ќе одржи легендарната група Архангел, а настапи ќе имаат и Сашо Митревски, Јордан Костов, Fink, Saygon, RGB, Koala Voice, Frenkie и други.
На последниот ден од фестивалот, во недела, помеѓу музичките гости најавени се настапите на Дуке Бојаџиев, Бојан Петков, Man in a suit, KI, My baby, Palindrom и други.

Фестивалските билети веќе се пуштени во продажба. За три дена, без кампување цената изнесува 600 денари, три дена со кампување чини 650 денари, додека пак еднодневен билет без кампување е 350 денари.

Д Фестивал е единствениот летен музички фестивал на отворено во земјава. Покрај музичката програма која се одвива паралелно на четири фестивалски бини, Д Фестивал секоја година подразбира и раскошна разновидност на настани и случувања во дополнителната програма во ПлоштАРТ зоната и Фестивалскиот камп која вклучува филмски проекции, уметнички изложби и инсталации, работилници, дискусии, спортски активности и многу забавни содржини.

Вики Клинчарова

Поврзани новости