Критичарката на Путин и активистка, Марија Аљохина доаѓа во Македонија

by fokus

Марија Аљохина, основач на популарниот бенд Пуси Рајот од Русија и голем критичар на Владимир Путин, доаѓа во Македонија. Во недела, на осми јули, таа ќе настапи на Д Фестивал во Дојран, каде ќе го претстави својот музички и театарски проект ,,Денови на немири’’, подготвен врз основа на нејзината последна книга ,,Riot days’’.

Марија е руска новинарка, уметница и активистка која ги освои наградите The Hannah Arendt и The Lennon Ono Grant for Peace.
Пред шест години светската јавност дозна за руската панк група Пуси Рајот, кога Марија заедно со уште две членки на групата беше уапсена, по изведба на перформанс во црква во Москва. Во тоа време, таа имаше 24 години.

Тие беа обвинети за хулиганизам мотивиран од верска омраза, и Марија и Надежда Толоконикова беа осудени на две години затвор, додека Екатерина Смутчевич беше ослободена. Марија и Надежда беа пуштени од затвор кон крајот на 2013 година.

Тогаш пред медиумите Владимир Путин изјави дека девојките ќе си биле дома и ќе си ги извршувале домашните обврски, доколку не го прекршеле законот.

-Не е моја работа дали казната им е премала или преголема, туку тоа е работа на судот – порача тогаш Путин за настанот кој што се најде во сите големи светски медиуми.

Вики Клинчарова

Поврзани новости