Заев: Прашањето на референдумот најверојатно ќе биде „Дали сте за Европската унија и НАТО и за поддршка на Договорот со Грција“

by fokus

Референдум ќе биде на 23 септември, 30 септември или 7 октомври, а целта е до 15 јануари да се завршат сите предвидени обврски, вели македонскиот премиер Зоран Заев во интервјуто за грчката државна телевизија ЕРТ.

Тој објаснува дека референдумот ќе има обврзувачки карактер, ќе биде прифатен од сите, па дури и од претседателот Иванов. Одговарајќи на прашањето кои се роковите за македонската страна Заев вели дека целта која што е поставена кај нас е 15 јануари.

– Ако биде порано, тоа е добро. Дури сакаме да завршиме пред божиќните празници кои што се слават, дури и пред Нова година и во тој аспект затоа оставаме некои 3 месеци. Согласно нашиот Устав и законите ни се потребни некои стотина дена. Затоа 15 јануари е поставен. Со успешниот референдум јас сум убеден дека сите во парламентот ќе го послушаат народот што кажува на референдум и така ќе гласаат. Тоа денеска го добиваме како порака дури и од претседателот на државата, господинот Ѓорге Иванов дека ако референдумот е успешен, секако и тој ќе ги поддржи и Договорот со Грција и сето она што е следна фаза, а и опозицијата исто така. Секако има различни ставови, тоа е демократијата, но после референдумот кај нас се уставните промени, па очекуваме грчкиот парламент да го ратификува договорот кој што го направивме двете земји, а после тоа да продолжи и ратификацијата на протоколот за членството во НАТО, вели македонскиот премиер.

Заев објаснува дека по НАТО Самитот на 12 јули ќе се отвори и дебатата за референдумот кој ќе биде на 23 септември, 30 септември или 7 октомври за потоа да има период од 3 месеци за уставните промени. Македонскиот премиер, изразува убеденост дека референдумот ќе биде успешен, бидејќи „нашите граѓани сакаат пријателство со Грција и сакаат интеграција во ЕУ и НАТО“ и ги открива можните прашања.

-Народот убеден сум дека ќе биде за договорот со Грција затоа што прашањето веројатно ќе биде „Дали сте за европската унија и НАТО и за поддршка на Договорот со Грција“, веројатно во тој правец ќе биде затоа што, кај нас едно со друго е поврзано и во таков аспект, граѓаните кога ќе дадот својот глас, политичарите, владата, парламентот, претседателот на државата сме должни да го почитуваме. Или прашањето можеби ќе биде дали сте за Европската унија и НАТО, поддржувајќи го името Република Северна Македонија“, заради тоа што тоа е договорот. Верувам дека граѓаните ќе бидат целосно позитивни, објаснува Заев за ЕРТ и вели дека референдумското прашање сите политичари и власта и опозицијата и претседателот Иванов ќе ги стави во позиција да ги послушаат граѓаните.

Поврзани новости