Фондот за деца при Обединетите Нации, УНИЦЕФ, соопшти дека најмалку една третина од децата во светот немале можност да учат на далечина во моментите кога поради Ковид-19 беа затворени училиштата. Според нив тоа е еднакво на „вонредна состојба во образованието на глобално ниво“.
УНИЦЕФ посочува дека на врвот на затворањето училишта поради пандемијата, речиси 1,5 милијарди деца биле погодени.
– За најмалку 463 милиони деца чии училишта се затворени поради Ковид-19, немаше такво нешто како учење од далечина. Толкавиот број на деца чие образование е целосно нарушено со месеци е вонредна состојба во образованието на глобално ниво. Последиците би можеле да се почувствуваат во економиите и општествата во наредните децении, рече извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Форт.
Во извештајот на УНИЦЕФ се укажува на значајна нееднаквост по региони, а децата во субсахарска Африка се најтешко погодени. Кога станува збор за бројките, најмногу деца се погодени во регионот на Јужна Азија, односно најмалку 147 милиони деца.