„Црвена јабука” урна рекорд во Неготино, никој не собрал повеќе народ на плоштад!

by fokus

Популарниот бенд ,,Црвена јабука” синоќа одржа спектакуларен концерт на градскиот плоштад во Неготино. Настанот беше во склоп на манифестацијата Неготинска музичка вечер, а изборот на легендарната група се покажа како вистински погодок.

Според информации од општината, со Јабука се забавуваа и во ист глас пееа околу 10.000 луѓе. Ги имаше од Неготино, но дојдоа и многу гости од Кавадарци, Демир Капија, Велес, Штип, Прилеп…

Вечерта започна со настап на Бојана, а потоа следеа ДНК. Уште додека настапуваа ДНК плоштадот започна масовно да се полни, за да на крај, кога пред публиката излезе фронтменот на Јабука, Дражен Жериќ – Жера и момците од бендот, едвај можеше да ги собере љубителите на култната група.

Се пееа песни со кои израснаа многу генерации, а кои Јабука ги остави зад себе во изминатите 40 години. Нивните стихови не само што наизуст ги знаат повозрасните, туку ги пееа и младите.

Неготинчани не памтат било која музичка група да успее да собере толку народ на едно место. Атмосферата беше весела, се пееа весели песни на кои посетителите танцуваа, балади кои разбудија носталгија по минатите времиња, а Жера задоволен од приемот во Неготино, во неколку наврати се заблагодаруваше на публиката за искрената емоција со која беше дочекан бендот.

По концертот, членовите на бендот за ,,Фокус” раскажаа дека за прв пат се во Неготино на плоштад, и се трогнати од начинот на кој беа дочекани.

-Топол дочек, неверојатна публика! Драго ни е поради оваа масовност, не се опишува чувството кога толкава маса на луѓе ги знае стиховите на секоја песна. Пандемијата со корона вирус во голема мера не закочи, имавме период кога воопшто не настапувавме, и сега ова враќање на бината многу ни значи.
Ние живееме за да пееме и свириме, а кога сме дочекани со толку силни емоции, само уште повеќе добиваме мотив да го даваме најдоброто од себе. Прекрасна публика и одлична организација – ни изјавија момците од бендот, кои утринава отпатуваа во Хрватска, а од таму наредните денови продолжуваат во Цирих, каде ќе имаат концерт.

И градоначалникот на Неготино, д-р Горан Стојанов за ,,Фокус” вели дека е пријатно изненаден од вчерашниот настан и од огромната излезеност. Порача дека му е драго што покрај неговите сограѓани, во Неготино синоќа дојдоа и голем број на гости од други градови и уживаа во настапот на бендот кој на присутните им приреди неколкучасовно патување низ времето со познатите хитови.

Утре во Неготино ќе се одржи традиционалната Манастирска вечер, а пак во наредните денови, односно од 21-ви до 23-ти септември, се одржува Неготински панаѓур, стопански настан кој датира повеќе од сто години, и има голема посетеност.

Вики Клинчарова

Поврзани новости