Обвинение за екс обвинителот Димоски, кој беше кандидат за уставен судија на ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

Од Обвинителството предмалку објавија дека е поднесено Обвинение за поранешен обвинител од Охрид поради застарување на 14 предмети. „Фокус“ неофицијално дознава дека станува збор за екс обвинителот Воислав Димоски, кој беше кандидат за уставен судија предложен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но не доби поддршка од останатите пратеници.

-Обвинетиот, во периодот од 19 ноември 2013 година до 25 ноември 2021 година, додека се уште ја извршувал функцијата јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Охрид, очигледно несовесно постапувал во вршењето на своите овластувања и должности поврзани со преземање или непреземање на дејствија по конкретни предмети. На тој начин тој овозможил пријавените кривични дела апсолутно да застарат за гонење, и со тоа, потешко ги повредил правата на други – подносителите на кривичните пријави и оштетени, бидејќи тие пред истекот на рокот за апсолутна застареност на гонењето по пријавените кривични дела, не добиле одлука ниту за гонење на пријавените лица – со што биле ускратени да ги остварат своите права како оштетени во судска постапка, ниту пак добиле одлука – решение за отфрлање на поднесените кривични пријави со која оштетените би имале право на жалба за да ги остварат правата во претходна постапка, информираа од Обвинителството.

Димоски неодамна поднесе оставка од функцијата пред да биде разрешен откако против него била поведена дисциплинска постапка.

Од Обвинителството тогаш потврдија дека против Димоски имало постапка и дека Советот на јавни обвинители донел одлука за престанок на функцијата на негово барање.

В.В.

Поврзани новости