Зеленски го разреши шефот на телохранителите по неуспешниот обид за атентат

by Fokus

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го разреши шефот на агенцијата одговорна за неговата заштита. Промената дојде откако двајца службеници на агенцијата беа приведени за планирање на атентатот на Зеленски.

Разрешувањето на шефот на Државната стражарска служба (УДО) Серхиј Руд е објавено со указ на претседателската веб-страница. Причината за отказот не беше наведена.

Руд беше назначен за главен телохранител на Зеленски во октомври 2019 година. Се уште не е објавено кој ќе го замени.

Задачата на УДО е да обезбеди безбедност на украинскиот претседател и високи државни функционери, како и заштита на административните згради.

Претходно оваа недела беше објавено дека се уапсени двајца безбедносни службеници кои наводно биле вклучени во руски заговор за атентат врз Зеленски. Двајца полковници на УДО се обвинети за „субверзивни активности против Украина во замена за финансиска компензација“, соопшти во вторникот Украинската канцеларија на главниот обвинител.

Двајцата беа обвинети за предавство, додека еден беше обвинет за подготовка на терористички акт.

Службата за државна безбедност на Киев (СБУ) објави дека ги спречила плановите за атентат на Зеленски и други високи украински функционери, вклучително и шефот на СБУ, Васил Маљук и шефот на разузнавањето на Украина, Кирило Буданов.

Обвинителството соопшти дека еден од осомничените добил две беспилотни летала и муниција од руската служба за државна безбедност (ФСБ), кои имале намера да ги префрлат на друг соучесник кој требало да го изврши нападот.

Русија, наводно, неколкупати се обидела да го убие Зеленски од почетокот на инвазијата.

Поврзани новости