Црногорци, кои биле во самоизолација, ја тужат државата за јавното објавување на имињата

by fokus

Поради објавувањето на списокот на лица на кои им беше наложена самоизолација и дел од списокот на заразени со корона вирусот, околу 250 оштетени најавија тужба против Владата и државата, пишува подгоричкиот весник „Дан“.

Според весникот, повеќето од тужбите ќе бидат во Подгорица, а побарувањата за надомест се движат од пет до десет илјади евра.

– Со ваквата постапка, на лицата чии лични податоци беа објавени им беше повредено правото на приватност и правото на заштита на личните податоци заштитени со чл. 40 и 43 од Уставот на Црна Гора и правото на почитување на приватниот и семејниот живот загарантирани со одредбата од чл. 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, изјави за „Дан“ адвокатот , кој застапува голем број оштетени.

Тој потенцира дека личните податоци биле објавени без согласност на оштетените, иако Законот за заштита на лични податоци јасно пропишува дека посебни категории лични податоци можат да се обрабодуваат само со нивна експлицитна согласност, кога обработката на лични податоци е неопходна за откривање, спречување и дијагностицирање на болести и лекување на лица, како и за управување со здравствени услуги, доколку таквите податоци ги обработува здравствен работник или друго лице кое има обврска за тајност. Оваа посебна категорија лични податоци (која исто така вклучува и медицински податоци) конкретно ги означува и штити со цел да се спречи неовластен пристап до тие податоци, рече Кавариќ.

Десет лица од Бијело Поље веќе поднеле тужби против државата преку адвокатот Милош Којовиќ.

„Со одлука на Уставниот суд на Црна Гора е утврдено дека Владата на Црна Гора ги прекршила основните човекови права и слободи со објавување на имиња на лица на кои им се издадени решенија за самоизолација, и тоа чл. 40 право на приватност, чл. 43 лични податоци, како и чл. 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и тоа правото на почитување на приватниот и семејниот живот, изјави Којовиќ претходно.

Уставниот суд на Црна Гора ја укина одлуката на Националното координативно тело (НКТ) за заразни болести за објавување имиња на лица во самоизолација од 21 март годинава, сметајќи дека е спротивна на Уставот на Црна Гора, Законот за заштита на личните податоци, Европската конвенција и Конвенцијата на Советот на Европа . Одлуката на Уставниот суд беше донесена на иницијатива на невладината организација Граѓанска алијанса.

На 21 март, НКТ објави имиња на лица на кои им беше наложена задолжителна самоизолација. Владата го објави списокот на својата веб-страница и редовно го ажурираше со нови податоци, а потоа го отстрани. НКТ веруваше дека објавувањето на списокот ќе придонесе за унапредување на почитувањето на мерките за самоизолација, со цел да се заштити јавното здравје. Иако Владата го отстрани списокот, идентитот на лицата во самоизолација остана на интернет, па и сега можат да се најдат, со оглед на тоа што, на пример, весникот Новости, во целост го објави списокот, со име презиме и адреса на живеење.

Список на лица заразени со коронавирус, исто така, протече во јавноста. По притисокот од јавноста и невладиниот сектор, истражните органи започнаа истрага, a на крајот сè се сведе на едно лице, иако е јасно дека осомничениот не бил единствениот што го поседувал списокот.

На 7 април беше уапсен М.Р. вработен во Здравствениот дом во Подгорица., поради сомненение дека го објавил списокот на заболените од коронавирус.

Обвинителството тогаш информираше дека тој, како службено лице, преку апликацијата Вибер го проследил списокот на други лица, кои иако му биле колеги, тие не биле овластени да располагаат со тие податоци.

Списокот со над 60 имиња заразени со коронавирусот во Подгорица беше дистрибуиран на социјалните мрежи од 3 април, а документот ги содржеше и матичните броеви и годината на раѓање на граѓаните.

Истиот ден, Владата на Црна Гора на Твитер го осуди објавувањето на имињата на луѓето кои се заразени со  корона вирусот. МИА

Поврзани новости