Во Скендер Бег своевремено цела Европа полагала големи надежи сметајќи го за нејзин заштитник од понатамошниот продор на Турците кон запад. И во Тендер Бег полагаа големи надежи сите проевропски сили во земјава, а и меѓународната заедница, оти само тој, во услови кога опозицијата е на колена, беше гаранција дека државава ќе продолжи на курсот кон евроатланските интеграции.
До некаде овој неологизам е знак на почит кон неговата моќ и непобедливост во политичката борба, оти тој е лидерот на партијата која никогаш до сега не била поразена на избори во албанскиот кампус во Македонија. Исто како што ни Скендер Бег никогаш не претрпел пораз, ниту кога бил генерал во војската на турскиот султан, ниту кога се кренал на востание на чело на Албанците против турската власт.
Кај и да го фрлиш, Скендер Бег бил успешен, и со Турците и против Турците. Така и нашиот Тендер Бег, кај и да го ставиш, било во коалиција со левицата од македонскиот блок или пак со десницата, тој е главниот играч.
Така што, кога неговите политички противници се обидоа да го исмејат со прекарот Тендер Бег, тие мислејќи дека алудираат на неговата љубов кон профитот од наместените тендери (што му се достапни преку учеството во власта) всушност истовремено ја изразија и нивната сопствена слабост, немоќта им да го поразат, баш како што и големиот стратег Скендер Бег никогаш никој не успеал да го порази.
И навистина Тендер Бег е добар неологизам. Ем може да се толкува двосмислено, и како негативен и како позитивен за неговиот носител, ем убаво го опишува главниот мотив што го тера Ахмети да биде во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, ем ѝ дава надеж на опозицијата која би сакала да го придобие на своја страна. Дајте му и вие на бегот тендери, и тој може уште утре, да ја смени страната…