Телефонски разговор Пендаровски-Столтенберг по повод годишнината од членството во НАТО

by fokus

По повод годишнината од членството на Република Северна Македонија во НАТО, претседателот Стево Пендаровски денеска оствари телефонски разговор со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Во разговорот, како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, двајцата соговорници размениле мислења за улогата на Алијансата и справувањето со идните безбедносни предизвици, за регионалната стабилност и за надворешно-политичките приоритети на Република Северна Македонија.

-Пендаровски изрази благодарност за поддршката што земјата ја добива од НАТО Канцеларијата за безбедност во процесот на сертификација на официјалните лица во државата за коишто се побарува НАТО безбедносен сертификат. Двајцата соговорници се согласија дека тоа е исклучително важен процес и дека истиот треба да продолжи во сите неопходни сегменти, витални како за безбедноста на Северна Македонија, така и за безбедноста на Алијансата, стои во соопштението.

Истовремено, Пендаровски се заблагодари за досегашната помош во справувањето со последиците од пандемијата на Ковид-19, посочувајќи дека солидарноста и поддршката на сојузничките земји е неопходна за надминување на новите реални предизвици со кои се соочуваат Европа и светот.

Двајцата соговорници разговарале и за документот НАТО 2030, кој треба да ја одреди иднината на НАТО Алијансата, во која од март минатата година сме полноправна членка.

Поврзани новости