ССМ: Не сме консултирани за одлагањето на решението со кое недела ќе биде неработен ден

by fokus

Сојузот на синдикати на Македонија попладнево реагираше на одлуката за одлагање на решението со кое недела треба да биде неработен ден.

Посочува дека како социјален партнер и претставник на работниците не е констултиран за ваквото одложување. Смета дека за едно вакво важно прашање не треба да се одлучува еднострано и надвор од Економско-социјалниот совет.

– Потсетуваме дека на последната седница на Економско-социјалниот совет, одржана на 15.02.2021 година, сите социјални партнери се согласија дека треба да се постигне консензуз, а не процесот да се враќа назад. Очекуваме преговорите за допрецизирање на одредбите, во насока на уредување на правото за недела да биде неработен ден за сите вработени да продолжат и истите да завршат во најкус можен рок, имајќи предвид дека донесувањето на Законот веќе еднаш е одложено и тоа за примената од јуни 2021 година, а во последиот текст за септември 2021 година и тоа без претходна согласност со социјалните партнери, наведува ССМ во реакцијата.

Реагираат и на изјавата за усогласување на минималната плата.

– Ја потсетуваме министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска да не се става над законот поради тоа што минималната плата согласно Законот за минимална плата, мора да се усогласи во месец март, а не како што е пренесено во медиумите од нејзината изјава, дека и ова усогласување на минималната плата ќе се одложи за наредната година односно за 2022 година. Работниците и граѓаните очекуваат од социјалните партнери да испорачаат резултати од преговарањето во насока на унапредување на работничките права, а не континуирано да се одлага решавањето на нивните проблеми, велат од ССМ.

Поврзани новости