Бројот на заразени со новиот корона вирус во Европа се зголеми за 15 проценти во последните седум дена, а бројот на смртни случаи за 18 проценти. Ова го изјави денеска директорот на СЗО за Европа, д-р Ханс Клуге, на неделниот интернет-брифинг на организацијата.
– Бројот на заразени (со Ковид-19) во Европа, се зголеми за 15 проценти во последните седум дена, и сега изнесува 1.408 266. Стапката на морталитет се зголеми за 18 проценти во истиот период и вкупно 129.344 лица починаа“, нагласи Клуге.
Според Клуге, европскиот регион моментно опфаќа 46 отсто од сите заразени во светот и 63 отсто од смртните случаи.
Тој рече дека благодарение на мерките преземени во голем број западноевропски земји, „бројот на нови случаи е намален“.
Сепак, во источниот дел на регионот – во Белорусија, Русија, Казахстан и Украина – бројот на заразени е зголемен во последната недела. Ситуацијата се стабилизира во Турција, истакна директорот на СЗО за Европа.