СЗО: Позитивните тестови кај оздравените пациенти од корона вирусот е поврзано со заздравувањето, а не е нова инфекција

by fokus

Појавените случаи на болни од Ковид-19 кои биле прогласени за излекувани, а потоа повторно имале позитивен наод, всушност се поврзани со клетките кои останале во белите дробови по излекувањето, информира Светската здравствена организација (СЗО).

Француските медиуми наведуваат дека тоа, се чини, ја отфрла можноста дека станува збор за повторна инфекција.

Пред неколку недели десетиците случаи со излекуваните јужнокорејски пациенти, кои имале позитивен наод, покренаа серија прашања и станаа причина за вознемиреност. Без да ги споменува јужнокорејските случаи, СЗО соопшти дека е информирана за овие пациенти.

„Во согласност со тоа што го знаеме, а врз основа на најновите податоци, пациентите, се чини, го исфрлаат материјалот што останал во нивните бели дробови, во рамки на нивното заздравување”, забележа СЗО.

„Треба систематски да ги собираме тестовите за да сфатиме колку долго посочените пациенти се носители на живиот вирус“.

Пред неколку дена Марија ван Керков од СЗО уверуваше дека мртвите клетки во белите дробови се причина за ваквите позитивни тестови.

-Не станува збор за заразен вирус, ниту за повторна инфекција или реактивирање. Тоа е дел од процесот на заздравување, рече таа.

Иако истражувањата покажуваат дека кај заразени лица се појавуваат антители три седмици по заболувањето, тоа не дава одговор на важни прашања – дали сме имунизирани по заразувањето со новиот корона вирус, а ако одговорот е да, до колкав степен и за колкав период?

Поврзани новости