СЗО итно прати помош во поплавената област Херсон, се заканува избивање на колера

by Fokus

Светската здравствена организација (СЗО) испрати итна помош во деловите на Украина погодени од поплави и се подготвува да одговори на низа здравствени ризици, вклучувајќи траума, давење и болести кои се пренесуваат преку вода, како што е колера, соопштија денеска официјални лица.

Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за пукање на браната на хидроцентралата „Каховка“ од советско време, што предизвика поплави низводно и принуди десетици илјади луѓе да ги напуштат своите домови.

„ СЗО побрза да ги поддржи властите и здравствените работници во превентивните мерки против болестите што се пренесуваат преку вода и да го подобри надзорот на болестите“  изјави на прес-конференцијата генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус.

На прашањето конкретно за колерата, техничкиот службеник на СЗО Тереза ​​Закарија рече дека постои ризик од појава на оваа болест бидејќи патогенот постои во околината.

Таа посочи дека СЗО работи со украинското Министерство за здравство на воспоставување механизми кои ќе обезбедат вакцините да може да се увезуваат доколку е потребно.

Огромната брана „Каховка“ на реката Днепар ги раздвојува руските и украинските сили и луѓето се погодени на двата брега.

Директорот на СЗО за вонредни ситуации Мајк Рајан објави дека СЗО понудила помош за областите под руска контрола, но дека нејзиното оперативно присуство е „првенствено“ на страната на Украина.

Тој додаде дека руските власти ја уверуваат СЗО дека луѓето кои живеат во областите под нивна контрола се „добро набљудувани, добро згрижени, хранети и добро поддржани“.

Поврзани новости