Светската здравствена организација денеска соопшти дека 172 држави учествуваат во глобалната иницијатива „Ковакс“, чија цел е да се обезбеди рамноправен пристап до идните вакцини против корона вирусот, и истакна дека се потребни повеќе средства за развој на вакцина.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека иницијативата е клучна за ставање крај на пандемијата на Ковид-19, како и дека „таа не само што ќе доведе до здружување на ризиците за земјите кои развиваат и купуваат вакцини, туку исто така ќе обезбеди цените на вакцините да бидат што е можно пониски.
Иницијативата заеднички ја предводат СЗО, алијансата за вакцинирање ГАВИ и една коалиција за иновации со цел постигнување подготвеност за одговор на епидемии.
Со иницијативата досега се опфатени девет потенцијални вакцини против Ковид-19, а нејзината цел е да им обезбеди на земјите потписнички до крајот на 2021 година вкупно две милијарди дози вакцини.
Земјите кои сакаат да се приклучат на иницијативата треба официјално да го искажат својот интерес до 31 август, и да ја потврдат намерата за пристапување до 18 септември, додека првите уплати на парични средства наменети за развој на вакцини мора да бидат извршени до 9 октомври, потсетуваат светските агенции.