Таа би се дефинирала како „бомбастична најава за големи вложувања, крупни инвестиции, од кои нема да испадне ништо, оти тие се само дел од пропагандата, од спинот на власта (или понекогаш и опозицијата) пред избори“.
Првата спинвестиција кај нас беше фамозната милијарда на Циле од пред изборите во 1998-ма година, потоа нешто слично беше и ветувањето дадено од страна на Бранко Црвенковски за по еден вработен од секое македонско семејство во текот на кампањата во 2002-та (тие вработувања се очекуваа во приватни компании, што значи ќе требаше допрва да се прават нови инвестиции – кои испаднаа само обичен спин), потоа во ерата на Груевски ја слушнавме големата шарена спинвестиција од цели 8 милијарди евра кои требаше да се инвестираат во македонската економија, а од време на време, од нафталин се вадат и се спинуваат најавите за конечен старт на проектот Вардарска Долина, за карго-аеродром во Штип, за трамвај во Скопје, нуклеарка во Мариово…
Неологизам директно изведен од спинвестиција е и спинвеститорот. Улогата на угледен стратегиски партнер кој ќе вложи во некоја пропадната фабрика кај нас ја имаат играно мнозина белосветски преваранти, од Марк Гуд за рудникот Бучим преку Моше Баум за млекарата „Сведмилк“ па сѐ до најновиот спинвеститор Субрата Рој, индискиот милијардер чие име на власта ѝ служи за да ги замајува оние кои сѐ уште веруваат дека таа има добри и чесни намери кога зборува за развојот на економијата.
Како што постои инвестициски циклус, постои и спинвестициски циклус. Кај нас, тој добива на динамика секогаш пред избори, и според тоа колку жестоко се најавува некоја чудотворна странска инвестиција (т.е. спинвестиција) може да се утврди дали и избори се ближат. Така, ултра-најнова спинвестиција е најавата за кинески кредит тежок стотици милиони долари за градење на автопатишта кај нас. Веќе очекувано, оти нели – избори се ближат.
Во Македонија оддамна индустријата е речиси уништена. Но спиндустријата – пропагандната машинерија која треба да го убеди народот дека наскоро ќе ни тргне на подобро со новите инвестиции – работи со полна пареа. Додека не зоврие лонецот барем…