Совет на амбасадори: Бугарија ни нанесе нова неправда

by fokus

Советот на амбасадори со големо разочарување ја прими одлуката на Советот за општи работи на Европската Унија да не препорача одржување на првата меѓувлaдина конференција меѓу Република Северна Македонија и ЕУ поради натамошното силно и неразбирливо спротивставување на само една земја членка на Унијата, соопшти Советот.

Од таму сметаат дека ова е една од повеќето неправди што ѝ се нанесени на земјава на нејзиниот пат кон евроинтеграциите од нејзиното осамостојување до денес, иако, како што истакнуваат, земјата секогаш ревносно ги исполнува поставените барања од Унијата во делот на реформите во многу области на живеењето.

„Советот жали што овој пат Македонија и нејзините досега стабилни добрососедски односи со Бугарија на непримерен начин станаа дел од предизборната кампања во оваа земја членка на Унијата преку барања кои беа во спротивност со европските вредности, стандарди и принципи на дејствување. Институциите на ЕУ не треба да станат форум каде ќе се дебатира за историски прашања на народите“, велат од Советот.

Од таму додаваат дека многупати повторената констатација на Комисијата на ЕУ дека на земјите на Западен Балкан местото им е во Унијата, без конкретни резултати, е неисполнување на очекуваните обврски на ЕУ, со што, според нив, се нарушува и кредибилитетот на Унијата.

Воедно, Советот оценува дека постои недостаток на соработка и големи разлики во ставови меѓу политичките чинители во земјата во однос на надминување на овој сериозен политички проблем. Затоа, велат од таму, треба да се бараат посовремени начини на создавање на долгорочна стратегија на развој на добрососедските односи.

Поврзани новости