Со смена на судија Груевски бил спасен од притвор?

by fokus

Непосредно пред да се донесе одлука дали обвинетите Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски и Мартин Протоѓер, во случајот „Титаник“ треба да одат во притвор, бил сменет составот на Кривичниот совет кој ја носи одлуката, пишува ДВ, повикувајќи се на судски извори.

Дојче Веле пишува дека од советот бил изземе судијата Дарко Тодоровски, кој наводно бил „расположен“ да гласа за притвор, а како што потенцираат такво мислење имала уште една од судијките, со што конечниот резултат би бил 2-1 за притвор.

Но, таквиот епилог бил спречен, бидејќи одбраната на осомничените побарала изземање на Дарко Тодоровски.

-Имајќи предвид дека за судијата Дарко Тодоровски е поведена постапка за разрешување од судската функција на барање на Советот за утврдување на факти пред Судскиот совет на Република Македонија, бараме да се изземе од одлучување на советите на Основниот суд Скопје 1, кои одлучуваат по предлозите за определување на мерки за обезбедување на присуство и мерки за претпазливост, поднесени од страна на СЈО“, се вели во барањето на одбраната испратено до в.д. претседателот на Основниот суд Скопје 1, Стојанче Рибарев.

Иако персоналниот состав на тричлените совети кои одлучуваат треба да биде тајна, адвокатите на осомничените најверојатно имале точна информаци за составот на советот и ‘расположението’ во него, штом побарале изземање токму на конкретен судијата кој учествува во одлучувањето за ‘Титаник’“, велат за Дојче Веле извори од судот.

„Титаник“ беше капиталниот предмет на СЈО што ги истражуваше изборните измами, во кои е осомничен лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и неговите најблиски соработници, заради составување на избирачки список по волја на интересите на партијата, за целосна криминализација на изборниот процес, со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица кои по ниедна основа не смеат да бидат таму.

Поврзани новости