„Бисер балкански“ или „УЧК, УЧК“

by Фокус

По последниот митинг на ДУИ на скопскиот плоштад, кога од илјадници грла ечеше „УЧК, УЧК“, и тоа на чело со Али Ахмети, работите како да излегоа од контрола и може наскоро да станат многу сериозни. Додуша, ВМРО-ДПМНЕ, кога беше на власт во 2001 година, ни направи една малечка војна со Албанците. Не знам овојпат што сака, но можеби сака нешто поголемо?

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Што се случи на претседателските избори? А, да, Пендаровски потона под сите очекувања на неговите поддржувачи, a Силјановска се вивна во височините, повисоко дури и од најлудите фантазии на нејзините поддржувачи.

Социјалдемократскиот сојуз се посипа со пепел за грешките направени во изминатиот период; за неисполнетите ветувања кои толку тежат и кои се толку на број што го затемнуваат небото над нашата Македонија!

Народот, се виде, на СДСМ му покажа жолт картон, и тоа преку човекот кој коректно играше во изминатите години и кој не направи никаков потежок фаул за да добие таква казна.

Но, судијата (народот), триејќи си ги рацете во исчекување на второто полувреме, веќе се има намерачено да даде конечно црвен картон за СДСМ и за нивниот кандидат Пендаровски како колатерална штета.

„ДУИ НЕ ГО САКАМЕ“

Разни експерти, новинари, јавни личности од интелектуалниот свет, за ваквиот исход од првиот круг претседателски избори ги редат ли, ги редат сите дадени ветувања од СДСМ на изборите пред седум години.

Па, следуваат сите неостварени, најавени планови: крај на режимот, правна држава, реформирано судство, реформи во јавната администрација, модерно здравство и јак образовен систем, сузбивање на криминалот и корупцијата, странски инвестиции…

Сите овие ветувања ги слушаме пред избори буквално од секоја власт во изминативе 33 години и навикнати сме стрпливо да си чекаме кога ќе дојде денот да се помрднеме од место. Имавме шанса уште лани да се поставиме на шините, да тргнеме за напред и да стигнеме поблиску до развиените, спастрените, богатите земји, ама народот не сака, нели, под „бугарски диктат“.

Народот, исто така, не сака Албанци „што ни се плеткаат пред нозе, зад нозе, во нашата држава“. ВМРО-ДПМНЕ овој пат мајсторски изигра. Го замаскира тешкиот национал-шовинизам кон Албанците со финтата „ги сакаме нашите браќа Албанци, само ДУИ не го сакаме“.

Тука ја виде шансата за потпалување на македонскиот национализам потребен за нивна победа на изборите, но и за обезбедување на неопходниот коалициски партнер кај албанските партии, кој не смее да биде ДУИ.

Не му е првпат на овој обичен народ да забега во националистичките води. Некогаш подзатскриено, некогаш пожестоко си ја одгледува и си ја храни нетрпеливоста кон Албанците, да не речам омразата, како нешто најпрестижно. Се фрли во тие матни води уште во деведесеттите, на првите парламентарни избори.

РАБОТИТЕ ИЗЛЕГОА ОД КОНТРОЛА

Тогаш „најмакедонската“ партија ВМРО-ДПМНЕ, на големиот предизборен митинг, откако виде дека по првиот круг губи во однос на тогашниот СКМ-ПДП со повеќе од 80 илјади гласа, пред вториот круг реши да ја вклучи на деветка националистичката рингла.

Сред Скопје им вети на симпатизерите дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги спика во ќош Албанците, ќе им покаже каде им е местото, а оние меѓу нив што нема да наведнат глава ќе ги прави сапун. Ечеше плоштадот од најсочни националистички извици.

Оние граѓани, кои беа нешто повеќе начитани и подлабоко обмислени, ги изеде јанѕа од ваквото збрлавување на народот. Но се тешеа и се обидуваа да ја сфатат таквата национална еуфорија како нормална, како нешто што поминува, како детска болест и, се разбира, како природен страв кај еден народ кој за првпат прави самостојна држава и за првпат излегува од заштитната зона – Југославија.

Така беше пред 33 години. На сите митинзи на ВМРО-ДПМНЕ ечеше „Бисер балкански“. Се чепкавме со комшиите под рогозина. Како и да е, со нив некако ги тераме работите; нас нѐ тераат, ама и нив ги натераа некако меѓусебно да се поднесуваме.

Но, со Албанците приказната е поинаква. Мицковски последнава година гадно го закаса ДУИ, кој премолчено поминуваше низ сите напади, си ја бркаше неговата „работа“, се богатеше, а поединци од редовите на врвното раководство со нивното дрско однесување го дразнеа Македонецот.

Тоа до пред две-три недели уште и личеше на меѓусебна предизборна напнатост, но по последниот митинг на ДУИ на скопскиот плоштад, кога од илјадници грла ечеше „УЧК, УЧК“, и тоа на чело со Али Ахмети, работите како да излегоа од контрола и наскоро може да станат многу сериозни.

Додуша, ВМРО-ДПМНЕ кога беше на власт во 2001 година ни направи една малечка војна со Албанците. Не знам овојпат што сака, но можеби сака нешто поголемо?

Поврзани новости