Со два воени авиони ќе бидат пренесени посмртните останки на жртвите во автобуската несреќа

by fokus

Со два воено-транспортни авиони денеска во 9 часот од Бугарија се очекува на Меѓународниот аеродром Скопје да пристигнат посмртните останки на 45 граѓани кои загинаа во сообраќајната несреќа на автобусот на „Беса транс“-Скопје, што се случи на 23 ноември на автопатот „Струма“ во близина на градот Перник.

Министерството за надворешни работи синоќа информира за измена на саатници при пречекот и испраќањето на загинатите од автобуската несреќа во Бугарија до нивните домови и вечни почивалишта.

„Почитувани, ве известуваме дека посмртните останки на загинатите граѓани во автобуската несреќа во Бугарија после нивниот транспорт на аеродромот во Скопје, веднаш ќе бидат упатени кон нивните домови и вечни почивалишта“, велат од министерството.

Оваа измена доаѓа согласно барањата на дел од семејствата на загинатите, а со цел телата да бидат предадени пред петочната молитва. За граѓаните кои сакаат да оддадат почит, се уште останува можноста тоа да го сторат на плоштадот Скендербег во периодот од 10 до 13 часот. Претходно, МНР информираше дека поворката ќе се движи по однапред утврдена патека до и низ главниот град.

Поврзани новости