Следната недела партиите почнуваат консултации, локални избори на крајот на септември?

by Фокус

Политичките партии следната недела треба да почнат консултации за да договорат термин во кој треба да се оддржат локалните избори, откако политичката криза не дозволи да се запазат роковите со цел овие избори да се оддржат во редовниот термин овој месец, дознава Фокус од партиски извори.

Но, засега неизвесно е во каков формат ќе започнат преговорите, со оглед на тоа што, според нашите соговорници од трите најголеми партии, ДУИ се залага за лидерска средба на најголемите партии која би прифатил да ја иницирал и Али Ахмети, додека од партиите на Зоран Заев и на Никола Груевски повеќе претпочитаат средба на претставници на сите парламентарни политички субјекти.

Исто така, брифинзите од овие партии говорат дека тие имаат одредени разлики околу терминот во кој треба да се оддржат изборите за градоначалници и совети, имајќи во предвид дека вмровците предлагаат термини во јули, септември и октомври, а социјалдемократите неофицијално ги посочуваат септември, октомври и ноември, што значи дека двете најголеми партии се поклопуваат само во семтември и октомври.

Висок функционер од редовите на „интегративците“, пак, истакнува дека најповолен период во кој треба да се оддржат изборите е крајот на септември, од причина што, според него, има доволно време да се завршат сите процедурални и институционални подготовки, а воедно мандатот на градоначалниците и советниците на тој начин не се пролонгира предолго.

Доколку на крајот партиите се договорат за оваа варијанта на ДУИ, која практично би била пресек од предлозите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш локалните избори би се оддржале на 24 септември, додека вториот круг за избор на градоначалници во оние општини каде нема да се изберат во првиот круг би бил на 8 октомври.

В.С.

Поврзани новости