Талат Џафери ќе го чека Иванов, но нема пречка да се избере влада и без доделување на мандатот

by fokus

Претседателот на Собранието Талат Џафери ќе го чека шефот на државата Ѓорге Иванов до 19 мај да го додели мандатот. Ако тоа не се случи и  доколку му биде доставена програма и состав на новата влада од парламентарното мнозинство, тој ќе свика седница за нејзин избор.

„Единаесетиот ден, ако имам предлог програма и предлог состав на нова влада, имам обврска да свикам седница. Нема потреба да молам никого. Јас сум должен да го чекам Иванов до истекот на рокот од 10 дена, потоа се зависи од парламентарното мнозинство“, рече Џафери и додаде дека парламентарното мнозинство има право да избере влада, а Иванов нема право да не го додели мандатот.

„Правно нема пречка да се избере влада без доделување на мандатот, бидејќи ако Иванов не го додели мандатот тоа е против Уставот“, смета Џафери.

На прашањето дали очекува повторно да се случат немили настани доколку се избере влада без доделување на мандатот, Џафери рече дека не ја исклучува таа можност.

Граѓаните имаат право на протест, но беспредметно, е вели Џафери да се репризираат настаните од 27 април. Тоа е недозволиво, порача Џафери.

Претседателот на парламентот в понеделник ќе ги повика претставниците на политичките партии во Собранието на координативна средба за да дискутираат за локалните избори. Според него, политичките партии треба да постигнат консензус за Собранието да може да пристапи кон измени на Изборниот законик. Партиите, како што рече, треба да се договорат и за датум за одржување на локалните избори.

„Јас сметам дека ќе има мнозинство за да се измени Изборниот законик. Не може да се измени законот ако нема договор кога да се одржат локалните избори. Мислам дека партиите нема да се впуштат во блокада на локалната власт, бидејќи тоа е во интерес на сите граѓани“, изјави Џафери.

Поврзани новости