Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлози за издавање казнени налози против 22 лица кои не го почитувале полицискиот час, односно донесената одлука за забрана и посебен режим за движење на територијата на државата, додека таа беше на сила.
Сите се обвинети дека го сториле кривичното дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Еден од нив го прекршил полицискиот час во три наврати, па се товари дека сторил продолжено кривично дело согласно член 45 од Кривичниот законик. За него е предложена парична казна од 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневната глоба од 30 евра, додека за сите други предложени се парични казни од 100 дневни глоби од по 20 евра.
Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопшти дека доставило и предлог за издавање казнен налог за едно лице кое не ја почитувало мерката за строга изолација во државен карантин. Тој, исто така, е обвинет за кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.