Симовски: Пописот заврши успешно, попишани се 1.832.696 лица

by fokus

Пописот на населението, домаќинствата и становите успешно заврши, попишани се 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 станови, соопшти вечерва директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски. Во дијаспората, истакна Симовски, се самопопишале 204.805 македоински државјани, најмногу од западноевропските земји, а помалку од прекуокеанските земји.

Според него, занемарувачка е бројката на оние што одбиле да се попишат, но деновиве ќе биде собрана и точно ќе се знае. Сепак, тој вели дека таа бројка може да се изрази во промили, не во проценти. За нив, како што рече Симовски, има искази кај попишувачите и ќе бидат покренати постапки.

-Пописот е целосно успешно спроведен. Земјава покажа дека има капацитет да спроведе ваква тешка статистичка операција. Сите домови беа посетени, сите граѓани беа дел од пописот, а оние кои не беа опфатени, а се дел од базите на податоци, ќе бидат дел од пописот – истакна Симовски.

Тој информира дека со комбинираниот пописен метод се овозможи ефикасно следење на попишувањето. Од опфатените објекти за живеење, напомена, 91 процент биле предмет на пописот, бидејќи останатите девет отсто не се за домување.

-Сите објекти кои беа предмет на попис беа посетени по неколку пати. Онаму каде што по неколкукратните обиди не се оствари контакт со граѓаните, тие беа повикани да се попишат во седиштата на општините. Оние кои тоа не успеаја да го направат сепак ќе бидат дел од пописот бидејќи се очекува да ги има во некоја од базите кои ќе се користат при обработката на податоци – рече Симовски.

Резултатите од пописот се очекува да бидат објавени во рок од шест месеци од денот на завршувањето на пописот, односно до крајот на март следната година.

Поврзани новости