Што значи признавањето на МПЦ-ОА од страна на Вселенската патријаршија?

Примањето на Охридската архиепископија во канонско единство е огромен придонес за натамошно зајакнување на темелите на државата, вели за Фокус универзитетскиот професор Александар Спасеновски.

by Фокус

Одлуката на Синодот на Вселенската патријаршија за признавање на нашата црква за канонска е еден од неколкуте поважни настани во најновата историја на Република Македонија, рамен со други слични достигнувања како на пример стекнувањето на независноста, вели за Фокус универзитетскиот професор Александар Спасеновски, кој важи за голем познавач за црковните прилики и односи.

Со одлуката на Вселенската патријаршија која доаѓа 260 години по 1762 година кога беше укината Охридската архиепископија и 55 години после 1967 кога беше донесена одлуката за возобновување на оваа древна архиепископија во лицето на МПЦ, нашата црква и нејзините верници стануваат рамноправен дел од поредокот на едната света, соборна и апостолска црква, како и сите други цркви и верници – вели Спасеновски.

Според него, прашањето на автокефалноста на МПЦ-ОА е последното важно прашање чие успешно решавање ја зацврстува стабилноста на нашата држава. Тој вели дека потегот на Вселенската патријаршија со примањето на Охридската архиепископија во канонско единство е огромен придонес за натамошно зајакнување на темелите на државата.

Личноста на патријархот Вартоломеј, пак, како и неговото наследство управувајќи ја Црквата овие децении, претставува голем благослов бидејќи оваа генерација православни христијани конечно почнаа да го сведочат чинот на вклучувањето на наследничката на славната Охридската архиепископија во заедницата со останатите православни цркви чија глава е Вселенската патријаршија – вели Спасеновски.

Тој додава дека во актуелната 2022 година Македонија и нејзината Црква влегоа со еден, како што истакнува, реален оптимизам за почеток на процесот за решавање на црковното прашање, на што, според него, упатуваат и три други групи на околности.

Прво, востановениот консензус во Синодот на МПЦ-ОА. Второ, поддршката на МПЦ од страна на институциите на државата. Трето, фактот дека денес решавањето на македонското црковно прашање е целосно комплементарно со евроатлантската ориентација на Македонија, како и со декларираните интереси на САД во оваа насока – вели Спасеновски.

Воедно, тој објаснува дека на крајот од 2021 четири настани биле предвесник на историската одлука на Вселенската патријаршија за примање на наследничката на Охридската архиепископија во канонско единство 260 години по нејзиното укинување во 1762 година.

Прво, настапот на Братството на Бигорскиот манастир на Првиот меѓународен фестивал на византиска музика во Атина, на покана на Министерството за култура и спорт на Грција и на Здружението на псалти од Атика, а со благослов на Архиепископот Атински и на цела Грција, г. Јероним, на 3 декември 2021 година.

Второ, одличната промоција на филмот за најголемиот современ грчки чудотворец Свети Нектариј Егински – „Божји човек“, со благослов на Архиепископот Стефан, на 10.12.2021 година.

Трето, посетата на монасите од четири македонски манастири предводени од епископот Антаниски Партениј на Вселенската патријаршија и средбата со Вселенскиот патријарх Вартоломеј, во Фанар седиштето на Вселенската Патријаршија, на 15.12.2021 година.

Четврто, учеството на Епископот Партениј на светската премиера на документарниот филм „Вселенскиот Патријарх Вартоломеј – триесет година служба“, во Солун, на покана на претставникот на Вселенската Патријаршија во Солун, Епископот Никифор, на 19.12.2021 година – посочува Спасеновски.

Според него, вистинското значење и големина на овие настани може да се увиди доколку се анализираат низ една временска дистанца.

Пред само неколку години нешто што изгледаше како далечен сон за православните верници денес е реалност. Станува збор за конечен крај на еден непријатен период во македонско-грчките односи во кој доминираше инфлацијата на лоши вести, односно почеток на една нова позитивна ера на соработка помеѓу државите, граѓаните и конечно – црквите.

Овие настани од крајот на 2021 година претставуваат продолжение на една нова динамика која започна да се развива во текот на 2017 и 2018 година во која круната беше писмото на Синодот на МПЦ-ОА упатено до Вселенската патријаршија со кое се бара Константинополскиот патријарх да го искористи своето апелациско право за конечно, веројатно фазно, решавање на македонското црковно прашање.

Писмата на политичкиот врв на државата, пак, упатени до Вселенскиот патријарх од 20.9.2020, односно од 22.9.2020, дадоа дополнителен придонес во насока на натамиопно зацврстување на перцепцијата во однос на претходно декларираниот консензус во нашето општество – вели Спасеновски.

Во оваа смисла, тој нагласува дека и Вселенскиот Патријарх во едно радио интервју од 2019 година ја најави траекторијата за разрешницата на македонското црковно прашање, велејќи дека Вселенската патријаршија, во согласност со сопствените историски надлежности ќе постапува во случајот со МПЦ-ОА.

Право кое е воспоставено уште од Четвртиот вселенски собор и се однесува на можноста од носење на конечна одлука при меѓуцрковни спорови. Ова значи дека конечно, по толку децении, прашањето се интернационализираше, односно престана да биде ексклузивна надлежност само на СПЦ – заклучува Спасеновски.

Влатко Стојановски

Поврзани новости