Откако Курир обзнани дека братучетка на Шекеринска добила тендер од неколку стотици илјади денари, полицијата започна со истрага на околностите под кои на Рада и успеало од опозиција да дава владини тендери на свои роднини. Извори блиски до истрагата велат дека Шекеринска не го вратила клучот од зградата на Владата уште кога ја напуштила во 2006 година со јасен план да доаѓа навечер за да ги кочи реформските процеси на оваа влада и да испумпува пари во приватни џебови. Особено е чудно како на Рада и успева тоа ако се знае дека во кабинетите на премиерот Никола Груевски и вицепремиерот Зоран Ставревски гори светло до доцна во ноќта.
На местото на злосторството полициската крим-техника нашла руси влакна и трагови од евра, но подетални информации за истрагата најавуваат за подоцна. Досега е јасно дека при една од овие посети Шекеринска склучила договор со својата братучетка во вредност од 5000 евра, или триста илјади денари, што е пресметано во дени – ТРИЕСЕТ МИЛИОНИ ДЕНИ! Со само еден потпис, Шекеринска ја претворила својата братучетка во милионер!
Влатко Ѓорчев, моралниот столб на македонската нација и пратеник во македонското собрание го изразува својот шок од скандалот:
– Седев на мојата веранда во Бардовци и си ги гледав децата како си играат во дворот. Кога слушнав за тендерот од 30 милиони дени на Шекеринска, ми се истури безалкохолното мохито! Просто не можев да поверувам дека оваа жена може да стои зад секоја грешка на нашата влада. Станав и решив да направам прес конференција. Ужаснат сум од сознанието дека вакви сплетки во владата можел да прави некој од опозицијата – вели Ѓорчев и најавува:
– На Шекеринска не може да и се верува. Јас не и верувам дека е во опозиција! А ако навистина е така, тогаш може да се каже дека во опозиција е поопасна отколку кога е на власт. Ако оваа жена може да префрли 30 милиони дени за само една ноќ како опозиционер, замислете што може да и се случи на Македонија ако Шекеринска подолго време остане во опозиција!