Зошто државата не си ги бара парите што ВМРО-ДПМНЕ ѝ ги должеше за кирии!?

by Фокус

Текстот е објавен на први јуни 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 883

Пишувале
Јадранка КОСТОВА
Мирослава СИМОНОВСКА

Не еднаш во Фокус сме изнеле резерви за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи што вмровците ги доставуваа по изборните победи, за кои, пак, се фалат дека ги нанижале дури пет во шест години. Со солидна доза резерви го третиравме и последниот финансиски отчет од ланските вонредни парламентарни избори. И се случи чудо. И од Државниот завод за ревизија, откако ги прочешлале вмровските изборни сметки, уште во воведот на извештајот искажаа „резерва за вистинитоста и објективноста” на отчетот на владејачката партија за ланските избори.

Арно ама, како и за сѐ друго во земјава, така и во овој „кејс”, виновникот е лоциран на друга адреса. Според ревизорот, тоа е главно Изборниот законик, но не и претседателот на партијата Никола Груевски и шефот на изборниот штаб  Мартин Протоѓер. Единствено „силно” згрмеле ревизорите за „потеклото” на изборните штабови, и тоа со констатација дека „не постојат доволно докази за потврдување на бројот, седиштата на изборните штабови и начинот на нивно користење (со или без надомест) “. И на крајот всушност сфаќате, а стои така и црно на бело,  дека сѐ што виделе ревизорите во вмровските тефтери било вистинито и објективно освен ова со седиштата на изборните штабови, ама и тоа се третира како ситна боранија.

А потоа, насловено како „Ревизијата смета за неопходно да обелодени”, меѓу другото, се констатира дека постојат разлики за висината на донациите што ги прикажуваат партијата и медиумите. Обелоденија, и толку! И ја подржаа Антикорупциската дека законот мора да се измени, колку да биде потаман на Груевци!

Но, она што ги остава „кул” институциите, беше инспирација за уште едно новинарско истражување. Не само поврзано со изборите, туку за тоа колку ВМРО-ДПМНЕ воопшто ја чинат партиските штабови, кои ги има во солиден број во сите општини? Плаќа ли кирии или и тие им се донација во услуги? И, се случи чудо, иако помало од она во Св. Димитрија. Одеднаш ни се прочистија сознанија, ни се позлатија податоците!

НЕДОСТАПНИ ЗА 10 МИЛИОНИ ДЕНАРИ!?

Имено, до редакцијата стаса список со деловни простории на АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост што ги користи токму ВМРО-ДПМНЕ, а за кои, барем според анонимниот доставувач, Груевци му должат на ова АД околу 10 милиони денари. Станува збор за деловни простории во неколку градови, кои владејачката партија ги користи и по 12 години наназад, но за некои нема договор, а за сите нив се наталожени долгови за закупнина. Како проблематични, барем од овој аспект, се наведуваат Скопје и Струмица со неколку партиски седишта, но и Прилеп, Неготино, Тетово, Куманово, Кавадарци и Штип.

Ако една партија на власт има комоција да биде должник на приватни медиуми, иако сумите се прилично високи, дилемата е, како е можно таа да се толерираа да не ѝ плаќа на државата?! Но, обидот да се потврдат или демантираат ваквите сомнежи, беше шетање во круг!

Да, вообичаено барем за нас од Фокус, патот до вистината поплочен од македонските институции секогаш се претвора во лавиринт. За наједноставни и конкретни прашања потребни се многу нерви за да се добие јасен и прецизен одговор. А уште кога се работи за долгови од ВМРО-ДПМНЕ, тогаш и тоа што се има како сомнеж, не е лесно да се докаже и провери.

Така и сега, нашите сознанија се обидовме школски да ги вкрстиме со главните ликови во оваа должничка сторија. Испративме молби до АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост. Директорот Шеваљ Цеку, најнапред телефонски нѐ извести дека мисли дека ВМРО-ДПМНЕ нема долгови.

Потоа му ги издиктиравме адресите во Скопје, на кои имаме информации дека ВМРО-ДПМНЕ има општински комитети и дека должи за кирија повеќе години наназад. Тогаш веќе нѝ рече дека ќе ги провери информациите и дека ќе ни јави во прецизирани рокови. Комуникацијата со него траеше два дена, со постојани ветувања оти одговорот ќе стигне и оти ги задолжил службите да ги проверат цифрите.

Со оглед на фактот дека со Центарот за комуникации на ВМРО -ДПМНЕ комуникацијата е редовно еднострана, а главниот јунак во оваа приказна е токму владејачката партија, без да го тормозиме по телефон, до директорот Илија Димовски испративме само и-меил со слични прашања.

Направивме обид да ја дознаеме вистината и директно, на пример, од ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп. Прашањето беше дали е точно дека за деловниот простор од 232 м2, на улицата Борис Кидрич бр. 56, за кој партијата има договор за користење од 2003 година, со месечна закупнина од 26.687 денари, партијата должи околу 1,6 милиони денари за неплатени кирии.

Првично го побаравме претседателот на прилепските вмровци, Гоце Ингилизов , кој за кириите и евентуалните долгови, нѐ упати на генералниот секретар Александар Талимиџиоски. Овој пак, откако слушна дека го бара новинар на Фокус, рече дека е на состанок и да го побараме подоцна. И оттогаш, после безброј вртења, остана недостапен за нас.

ДИВО ВСЕЛЕНИ ВО ДРЖАВНИ ПРОСТОРИИ!?

Но, веќе сме отрпнале на „транспарентноста” на вмровските големци кон Фокус. Тие ве игнорираат и бојкотираат, а потоа без око да им трепне, без образ да им се вцрви, ќе се колнат во својата отвореност за јавноста и ќе делат лекции за професионалност. Само провладините медиуми им се професионалци, оти изгледа со ќеиф и професионално маваат без задршка по нивниот душман, опозицијата!

Нејсе, сепак за Струмица одевме и по други патишта. Успеавме да дојдеме до документ со интерната преписка меѓу раководството во АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост, со датум од октомври 2011 година. Во него се наведува дека за деловниот простор од 97 м2, кој го користи ВМРО-ДПМНЕ на ул. Васил Сурчев бр. 3, со договорена месечна закупнина од околу 200 евра ( 13.730 денари) до мај лани партијата наталожила долг од околу 900 илјади денари.

Она што е занимливо е дека околу 584 илјади денари се тужени и дадени на Извршител, но, дека за остатокот, од 1 јули 2009 година не е преземено ништо! Така барем пишува во ова писание со печат на АД-то!

Но и тоа не е најголемиот бисер од овој документ. За три деловни простории во државна сопственост, со вкупна квадратура од 157 м2, стои напомената дека „се бесправно вселени и за истите не се фактурира”, а ги користи ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица! Најголемиот простор е на ул. Елка Јанкова бр.4 со површина од 93 м2. Средниот по големина има 42 м2, а најмалиот од 22 м2 има антички шмек, се наоѓал на ул. Александар Македонски во Радовиш.

Сепак, дека тука има оган, се гледа и од чадот од Струмица што се кренал од вербални партиски престрелки. Според податоците до кои дојдовме со помош на интернет, разбравме дека опозициската СДСМ веќе го актуелизирала ова прашање за ВМРО-ДПМНЕ како должник на државата. Од извештаите на локалните медиуми, кои очигледно и вообичаено се маргинализирани во Скопје, дојдовме до податокот дека струмичката организација на СДСМ имала најавено кривична пријава до јавното обвинителство, Антикорупциската комисија и МВР, против претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Струмица Славе Гошев поради „бесправно узурпираните простории и незавршена наплата на долгот”.

Според опозицијата, Гошев истовремено бил и член на УО на ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор. Во новокомпонираниот стил за прес конференции, струмичките сдсмовци ги формулираа своите сомнежи преку неколку прашања:
-Колку деловни простории во сопственост на АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост користи ОК на ВМРО-ДПМНЕ Струмица? Доколку користи, кои се тие простории? Кога се склучени договорите за закуп на тие простории? И дали договорите се склучени во времето кога Славе Гошев е член на Управниот одбор на ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор – се интересираале од струмичкиот СДСМ.

ТОЧНИТЕ СУМИ СТАНАА – НЕТОЧНИ!?

Струмичките вмровци ќе бидат децидни во одговорот, дека ОК на ВМРО-ДПМНЕ и актуелниот претседател Гошев немаат склучено договори за користење на деловен простор со ниту едно државно, јавно претпријатие или акционерско друштво. Уште ќе дополнат дека последните договори за користење деловен простор, партијата на локално ниво ги имала склучено во 2005 година, кога на власт на државно ниво беше СДСМ, а директор на јавното претпријатие бил кадар на партијата на Зоран Заев.

Дури и според податоците од интерниот документ, излегува дека  кажаното од струмичките вмровци е точно. Како што рековме, договорот за едните простории навистина е склучен во 2005 година, но, за долгот кој е даден на извршител, ама и оној за кој „не е преземено ништо”, нема ниту збор. Уште повеќе, ако трите деловни простори навистина се диво вселени и за нив не се фактурира, тогаш уште поточно е дека ВМРО-ДПМНЕ нема склучено договори „за користење на деловен простор со ниту едно државно, јавно претпријатие или акционерско друштво”!

Но, сепак, клучот на загатката е во централата на АД-то во Скопје. Така, вториот ден од комуникацијата, на фиксниот телефон во редакцијата на „Фокус” се јави женско лице, кое се претстави како службеничка на Шеваљ Цеку. Ни потврди дека бројките кои претходно му ги дадовме на директорот ги проверила и дека кореспондираат со официјалната евиденција на Акционерското друштво.

Сепак, дополни и дека ВМРО-ДПМНЕ не се најголемите должници кон друштвото. При тоа, особено ја интересираше од каде Фокус ги добил податоците за долговите на ВМРО-ДПМНЕ. Нормално, се повикавме на член 16 од Уставот на Република Македонија, дека имаме право да го заштитиме изворот. И така, договоривме, за да имаме писмен доказ за нејзината потврда и за да ги изнесеме бројките, да ни испрати официјален мејл со одговори на прашањата кои исто така официјално и ги пративме на службеничката.

Е потоа веќе настана вистински заплет. Директорот Шеваљ, кому му се јавивме за да му се заблагодариме за транспарентноста на институцијата, нѐ нападна дека манипулираме, дека не е точно дека службеничката ни ги потврдила бројките бидејќи тие не биле точни и дека „сега бидејќи манипулираме, информација нема да добиеме”.

Побаравме, конечно, после триесетина повици, да ги испрати официјалните и вистинските бројки, за да ги објавиме. Рече – „не сега, зашто ќе морал да објаснува”. Каде ќе требало да објаснува и што, не се дообјасни. Откако го завршивме разговорот, конечно добивме мејл од службеничката со следната содржина:

„Точно е само дека ВМРО-ДПМНЕ како корисник на деловен простор во сопственост на Република Македонија, должи закупнина за поголем период, како и многу други корисници, кои должат и поголеми износи, но наведените износи во Вашите прашања се неточни. Во однос на Вашето прашање дали АД за стопанисување со деловен простор го тужи ВМРО-ДПМНЕ, одговорот е дека како и за сите други должници покренуваме секакви видови на судски и извршни постапки за наплата на побарувањата и иселување од деловните простории.”

И така, тоа што до пред еден час беше потврда на нашите бројки, се претвори во релативизација и чуден одговор. Сепак, Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, го обврзува друштвото да испрати одговори на нашите нови прашања, кои ги доставивме до истата адреса за точните износи на долговите на општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ, за кои имаме сознанија дека се борчлии на државата.

Овие комитети пак, барем во Скопје се активни и не се затворени, судејќи по тоа што го видовме на терен. Таму се одржуваат редовни состаноци на Унијата на жени, а на влезните врати ве пречекува написот „Секој треба да има трето дете”. А колку ВМРО-ДПМНЕ како должник има ист третман со останатите говори податокот дека ЛДП само неколку дена по парламнетарните избори во 2008 година, со асистенција на полицијата беше присилно исселена од просториите во центарот на Скопје поради неплатени кирии на јавното претпријатие. Не им помогна ниту тоа што долговите веќе биле намирени!

После сѐ, и за партиските кампањи кон медиумите и за кириите кон државата, излегува дека во Македонија само ВМРО-ДПМНЕ нема проблеми кога должи пари!

И тоа бива
НЀ ПОБАРА ДИРЕКТОРОТ НА СИТЕЛ, АМА ПО ГРЕШКА!

Два дена пред затворањето на овој број од неделен „Фокус”, на 28 мај во 12 часот и 4 минути по локално време, добивме еден неочекуван повик од телефонскиот број 31192**. Од таа страна женски глас вели:

-Добар ден, дали може да го добијам Зоран, директорот сака да се слушне со него, се јавувам од Сител телевизија.

Со оглед на тоа што ѕвонеше на мобилен телефон, а и тој мобилен телефон никако не би можел да биде на извесниот Зоран, и велам…

– Овде е Мирослава Симоновска од „Фокус”. Ама баш убаво што се јавивте, може да ме поврзете со директорот додека сме овде, и онака го барав минатата недела за темата со долговите од ВМРО-ДПМНЕ кон Сител телевизија.

Секретарката, малку се заплетка, и падна непријатно, само повтори дека го згрешила бројот и културно се поздравивме. Ете, транспарентност. Директорот не може да го добиете дури ни по грешка! На спуштање, ја прашав да не случајно му ја пренела пораката на директорот Горан Иванов, дека го барале од „Фокус” и дека оставиле број. Рече дека пораката е пренесена, ама директорот не ѝ дал повратна информација.

ЦЕ-ДЕ Радио Велес
ДОНАТОРОТ НЕ БИЛ ДОНАТОР!

Со реакција на текстот „Колку милиони евра им должи преродбата на Сител и Канал 5 за изборната победа”, објавен во претходниот број на Фокус, се јави Ване Михајловски од ЦЕ-ДЕ Радио Велес.

Најавувајќи дури и тужба, Михајловски демантираше дека радиото донирало 40.000 денари во изборната кампања на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, страстите се смирија откако му објаснивме дека објавените податоци се од официјалниот извештај што ВМРО-ДПМНЕ го има доставено до Државната изборна комисија, па, евентуалниот демант или тужба треба да биде пренасочен кон владејачката партија.

Во секој случај, Михајловски нѝ изјави дека пред приближно еден месец партијата му го платила изборниот долг, тежок 60.000 денари, колку што биле и договорени. Не знаеше да објасни дали борчот е намирен преку партиската жиро-сметка.

Инаку вакви разидувања во пријавените донации во извештајот на ВМРО-ДПМНЕ се јавуваат и за други медиуми, бидејќи тие прикажале сосема друга сума или, едноставно, не навеле дека ѝ дале попуст во рекламирањето на владејачката партија. Според толеранцијата што за овие дубиози ја покажаа и Државниот завод за ревизија и антикорупциската комисија кон ваквите, да ги наречеме – двојни книговодства, излегува дека се си е како што треба, по преродбенички вкус!

Сомнителна „КАМПАЊА”
БОШКОСКИ КАКО ПОЛИТИЧКИ ЗАТВОРЕНИК

Како што во неколку наврати прогнозираше Фокус, случајот „Кампања” е оценет како политички мотивиран и во извештајот за човековите права на Стејт департментот. Со други зборови, за апсењето и дислоцирањето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски во Идризово за период од 5 години, одлучувачки се политички причини, а не желбата за воведување ред во финансирањето на изборните кампањи.

Остана до ден денес нејасно, како токму Бошкоски стана сомнителен со изборните финансии за МВР, под диригентска палка на Гордана Јанкуловска, патем носител на изборна листа на ВМРО-ДПМНЕ. Нормално, на Јанкуловска се што е поврзано со нејзината матична партија и е согласно уставот, законите и Манифестот на партијата. Што би се случило доколку некој се осмели, хипотетички де, да се пожали дека има некакви чудни барања за донација токму на оваа партија?!

Многу лесно се премина и преку фактот дека еден лидер на партија бил цели два месеци, во предизборие и тоа, под посебни истражни мерки. Уште повеќе, никакво фајде не видовме ниту од независното судство- барем така е регистрирано во уставот, што постоеа сериозни индиции дека во „Кампања” е користен агент провокатор.

И уште едно потсетување. Ден по изборите, на 6 јуни, кога телото на брутално убиениот Мартин Нешковски за време на славеничата прослава на плоштадот на ВМРО-ДПМНЕ веќе е предадено на Судска медицина, помошникот на Јанкуловска, Иво Котевски јавно изјави дека немаат информации за убиено момче!

Затоа, пак, уловот на Бошкоски беше објавен како уште една грандиозна акција. Дури морало два пати да се повторува апсењето за да можат провладините медиумски куќи, донаторите на ВМРО-ДПМНЕ, да го овековечат моменот. И тој ден, кога ОМ е соочена со изборното фијаско, иако веќе најавија прес конференција за пронајдени фалсификувани изборни ливчиња, „загрозениот” сведок го повикува Љубе на средба во Воденица! Да повторам, го повикува! Тој ист датум, 6 јуни е запишан и како ден кога 32 медиуми се јавуваат како донатори на победиците!

Поврзани новости