Додека власта го третира „Скопје 2014“ како културно наследство, вистинските историски артефакти ни пропаѓаат!

by Фокус 10:25
10:25

Текстот е објавен на 24 февруари 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 869

Разговарала
Јадранка КОСТОВА

ФОКУС Апелирате да престане да се злоупотребува заштитата на културното наследство. Вашиот став е дека финансирањето на оваа дејност – заштитата на културното наследство, сега служи како параван за изградба на нови објекти и рекреирање на културното наследство, што го сметате за непримерно. Како се изведува оваа операција?

- Advertising -

БАРЏИЕВА-ТРАЈКОВСКА Тоа оди така што се применува погрешен закон за одредени проекти, како што е „Скопје 2014“. Да појаснам, финансирањето на дејностите од областа на културата е регулирано со Законот за култура, во кој се определени сите видови активности и области кои се од национален интерес, но и одредени дејности кои се регулирани со посебен закон. Таков е Законот заштитата на културното наследство, но и Законот за меморијални споменици и спомен обележја. За да се обезбеди правична распределба на средствата по дејности, потребно е стриктно да се почитуваат законите за да не се случи мешање на активностите од една во друга дејност. Меѓутоа, од увидот во буџетската распределба на средствата на Министерството за култура за 2007, 2008 и 2009 година, забележавме отстапувања од постојната законска регулатива.

ФОКУС И тоа го осознавте преку Буџетот, а сѐ започна во 2007 година?

БАРЏИЕВА-ТРАЈКОВСКА Да, за прв пат во овој буџет, во делот Приоритети и цели на Министерството за култура за 2007 година се забележува како посебен приоритет „Заштита и (ре)креирање на културното наследство“ и тоа останува приоритет и во буџетите за 2008 и 2009. А ваков термин, рекреирање, не постои во ниту еден закон кој се однесува на заштита на културното наследство ниту во меѓународните конвенции. Всушност, забележувајќи ги зачудувачките ставки и активности во дел од програмите, ние во Центарот за културно наследство, откривме загрижувачки дубиози кои негативно се одразуваат на културното наследство.

СКАНДАЛОЗНO НЕМОРАЛНИ ДЕЈСТВИЈА

ФОКУС Во што конкретно се состојат овие дубиози?

БАРЏИЕВА-ТРАЈКОВСКА Токму почнувајќи со буџетската распределба на средствата за 2007 година, во Управата за заштита на културно наследство се распоредени активности надвор од нејзината надлежност и спротивно на постоечката законска регулатива. Така е и во следните години. Имено, на Управата ѝ се доделува координација и реализација на проекти директно инвестирани од владата како капитални инвестиции, а тоа се: проектот за изградба на Стариот театар, Скопската тврдина, Градската куќа и Концертната сала, Музејот над вода во Охрид, Универзитетот „Св. Климент“ кај Плаошник, локалитетите Стоби и Скупи, виничко и тетовско Кале, реставрација на куќата на албанската азбука, археолошки локалитети.

ФОКУС Што е спорно? Зарем до сега немало вакви практики?

БАРЏИЕВА-ТРАЈКОВСКА Од моментот на формирањето на Управата, во 2004 година, ваков вид на активности не се забележани. Токму затоа, укажуваме на штетните последици од мешањето на надлежностите, ингеренциите и големата концентрација на моќ во едно лице. Истовремено се крши и Законот за заштита на културно наследство, во делот поврзан со конкретните надлежности на Управата и ингеренциите на директорот.

ФОКУС Каде се тука објектите од „Скопје 2014“ и како се крши законот?

БАРЏИЕВА-ТРАЈКОВСКА Тука е феноменот со вметнување на објекти кои не постојат како артефакти и допрва треба да бидат изградени, а под параванот на заштита на културно наследство. Уште подрастичен е примерот со новите објекти од проектот „Скопје 2014“ кои се ставени во дејноста заштита на културно наследство како што се изградба на голем споменик на плоштад, голема фонтана, две цркви, изградба на објекти од култура. Тука се направени скандалозни неморални дејствија кои Центарот за културно наследство ги осудува, затоа што токму на нивна сметка се „кастри“ буџетот за потврдените вредности од културното наследство. Последиците се уште поголеми затоа што со овие постапки целосно е нарушен системот на дејноста, а за принципи, стандарди и конзерваторска етика повеќе не може ниту да се зборува.

ФОКУС Дали сите проекти не би требало да се во надлежност на Управата на Паско Кузман? Каде потпаѓаат објектите, за кои велите дека не постојат како артефакти и допрва треба да бидат изградени?

БАРЏИЕВА-ТРАЈКОВСКА Има уште, бидејќи освен археолошките локалитети и споменици, на Управата ѝ се дадени да координира и изградба на целосно нови објекти како Концертна сала, Градска куќа, Стар Театар, објекти кои никако не можат да се вклучат во ниту една дејност од културата. Министерството треба да финансира конкретни активности од дејностите кои се извршуваат во одредени објекти. На пример, изградбата на Музеј на ВМРО не е музејска дејност или изградбата на Концертна сала и сала на македонската филхармонија не припаѓа на музичко-сценска дејност. Изградбата на сите нови градби независно од нивната идна намена требало во буџетите да бидат ставени во посебна ставка.

ФАНТАЗМАГОРИЧНИ ИНТЕРПРЕТАЦИИ НА ПАСКО

ФОКУС Зошто изградбата на објектите од „Скопје 2014“, што ги наведувате, се доделени да ги „рекреира“ Управата на Паско Кузман? Според Вас, што се крие зад ваквиот владин потег?

БАРЏИЕВА-ТРАЈКОВСКА  Со (ре)креација е опфатено постоечкото културно наследство, доминантно најзначајните археолошки локалитети кои претставуваат препознатлив белег во одреден град или регион. Феноменот (ре)креација започна со Плаошник, кој ќе се рекреира со изградбата на комплексот градби од т.н. Климентов универзитет. Продолжува со скопско Кале, а потоа ќе следат Скупи, Вардарски рид, тетовско Кале. Тоа значи целосно реинтерпретирање и рекреирање на постоечките артефакти во нов „контекст“, кој е идентичен со идеолошката матрица на „Скопје 2014“ и терминот „преродба“, содржан во програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Спротивно на Законот за заштита на културно наследство, Паско Кузман е извршител на преродбеничката програма, затоа што тој е именуван директно од премиерот и спроведува владина или поточно партиска агенда.

ФОКУС Какви се последиците од ваквата политика, особено што, како што велите, еден човек добива толку големи ингеренции?

БАРЏИЕВА-ТРАЈКОВСКА Од аспект на заштита на културното наследство, се нанесува огромна штета на цивилизациските придобивки, артикулирани преку сочуваните артефакти кои се „изместуваат“ од нивниот историски контекст, а некои се уништуваат на сметка на некаква тајна агенда, која пополека се разоткрива. Штетите имаат наднационален карактер, затоа што секој посетител (домашен или странски) очекува да види оригинални заштитени артефакти, а не фантазмагорични интерпретации на Паско Кузман.

ФОКУС Каква е процедурата, доколку за овие градби и споменици би се применил Законот за меморијални споменици и спомен обележја?

БАРЏИЕВА-ТРАЈКОВСКА Постапката за изградба на меморијални споменици и спомен обележја е конкретно дефинирана. На ниво на Собрание на РМ се формира комисија, која изработува програма за изградба на ваков вид градби. Програмата се усвојува во Собранието со Бадинтерово мнозинство. Исто така, предлози даваат и општините, но и тука мора да биде формирана комисија, која треба да изготви програма и таа да биде усвоена од мнозинството советници. Центарот за културно наследство укажува на кршењето на овој закон и на злоупотребата на заштитата, каде директно е извршен упад и злоупотреба за да се вметнат и скријат објекти, кои за жал, без да бидат забележани од опозицијата, поминале во три буџети последователно.

НЕ ПОСТОЕШЕ КУЌАТА НА МАЈКА ТЕРЕЗА, ЗА TAA ДА СЕ РЕСТАВРИРА

ФОКУС Некои од објектите што ги наведовте сѐ уште не се изградени?

БАРЏИЕВА-ТРАЈКОВСКА Тоа говори и за отчетноста на власта. Во  буџетот за 2008 и 2009 година во делот „Постигнати резултати во 2007 и 2008 година“ не е наведено ништо за изградбата на двете цркви, големиот споменик на плоштадот, реставрацијата на куќата на Мајка Тереза, монументалната фонтана на плоштадот. После цели две години во буџетот за 2010 година, за прв пат се споменува дека во 2009, се реализирани започнатите капитални проекти: поставување на 35 скулптури во централното градско подрачје (најверојатно вклучени во ставката „Изградба на објекти од културата“) и реставрација на куќата на Мајка Тереза (продолжување на реализацијата). За монументалната фонтана на плоштадот и двете цркви нема ниту збор. Што се однесува до капиталните објекти чија реализација ја координира Управата, исто така не постои отчет.

ФОКУС Кога велите дека нема отчет, мислите на финансиски отчет? Дали сметате дека потрошените средства за изградба на овие монументални споменици се превисоки?

БАРЏИЕВА-ТРАЈКОВСКА Нема никаков отчет, не само финансиски. Дејноста заштита е јавна. Се трошат пари на граѓаните кои се титулар на културното наследство и никој нема право да го приватизира, ниту да го (зло)употребува за какви било цели и интереси.

ФОКУС Во секој случај, тоа што фонтани и скулптури оваа власт ги третира како заштита на културно наследство, свесно или намерно ги изместува работите од корен.

БАРЏИЕВА-ТРАЈКОВСКА Со поместувањето, поточно со упадот на наведените објекти во Програмата за заштита на културно наследство е прекршен Законот за меморијалните споменици. Со овој закон би требало да се регулира изградбата на голем споменик на плоштадот, голема фонтана на плоштадот, изградба на објекти од културата, реставрацијата на куќата на Мајка Тереза. Во однос на Спомен куќа на Мајка Тереза, намерно е употребен терминот „реставрација“, иако во 2007 година, освен спомен плоча, не постоеше споменик на култура кој би можел да се реставрира.

ФОКУС Што е позадината на тоа што за изградбата на Спомен куќа на Мајка Тереза е употребен терминот „реставрација“ иако, како што наведувате, тогаш не постоеше споменик кој би можел да се реставрира?

БАРЏИЕВА-ТРАЈКОВСКА Тоа е пример на класично подметнување. Терминот реставрација е стручен термин и се однесува на објекти со статус споменик на култура/културно наследство, и, што е најважно, тој треба реално/физички да постои на теренот. Куќата на Мајка Тереза не постоеше на терен и истата не можела да биде реставрирана. Денешниот објект именуван како „Спомен куќа на Мајка Тереза“, јасно упатува дека подлежи на Законот за меморијални споменици и спомен обележја.

СО МАНИПУЛАТИВНИ АКТИВНОСТИ, ПОРТАТА СТАНА СКУЛПТУРА

ФОКУС И Државниот ревизор има забелешки за проектот „35 уметнички скулптури во центарот на Скопје“. За Портата Македонија најпрвин е склучен договор со авторот во висина од 18 милиони и 666.000 денари. Подоцна, по добивање на локацијата за нејзино поставување, Портата доживува значителни визуелни и промени во габаритот во однос на прифатеното решение, па е склучен анекс на договорот. И со скулптурата „Воин со фонтана“, како што е именуван Филип Втори, се случува истото – идејното решение доживува измени, а првичната пресметка од 30 милиони денари на крајот е три пати зголемена –  нешто над 90 милиони денари. И за „Воинот на коњ“ следува анекс на договор во вредност од околу 57 милиони денари. Автор на сите овие дела е Валентина Стефановска. Дали ваквите практики ги сметате за нормални?

БАРЏИЕВА-ТРАЈКОВСКА Би се задржала на дејноста заштита, односно, во буџетите за заштита каде што овие објекти беа ставени, а нивното место не е соодветно. Поаѓајќи од овој факт, може да се претпостави дека биле неопходни такви „манипулативни“ активности за да се постигне посакуваната цел во услови кога веќе се прекршени неколку закони кои регулираат различни дејности.

ФОКУС Во одговорот до ревизорот, министерката вели дека Портата стручно според намена и содржина не може да се категоризира како меморијален споменик. Уште повеќе, дека со меморијалните споменици и спомен обележја се одбележувале значајни настани и личности од историјата и културата на РМ, а скулптурите биле чисто уметничко дело и визија на самиот автор. Се согласувате ли на ваквото стручно вреднување на Портата Македонија?

БАРЏИЕВА-ТРАЈКОВСКА  Во историјата на уметноста се разграничени сите ликовни техники и нивното конкретно именување, односно, точно се знае што е скулптура, што е скулптура во слободен простор, а што е релјеф (плиток и длабок). Во историско-уметнички контекст, овој вид објекти (порти) се познати како триумфални порти и се најкарактеристични за римската империја. Во современ историски контекст, Портата Македонија во Скопје, со сите карактеристични идеолошки елементи, почнувајќи од формално-архитектонските, до апликативните, симболични и портретни-рељефни претстави, како заокружена осмислена целина со историска конотација, припаѓа на меморијалните споменици. Од чисто теоретски аспект, категоријата меморијален споменик не ја исклучува уметничката димензија ниту авторскиот пристап, тие се неразделив елемент на секое дело. Главната забелешка  на Центарот за културно наследство се однесува на манипулацијата со дејноста заштита, која се користи како параван за други цели.

ФОКУС Зошто до сега молчеше вашата фела?

БАРЏИЕВА-ТРАЈКОВСКА Прашањето е од етичка природа. Мал број „експерти“ од нашата фела се директно вклучени во реализација на оваа агенда, а најголемиот број си ги чуваат работните места, односно се плашат. Постојат форми на суптилни притисоци и заплашувања, а во ова време не секој се осмелува да го каже својот став. Доколку ме прашувате лично, јас реагирав и додека бев вработена во некогашниот Републички завод за заштита на споменици на културата – за Перивлепта во 1999 година го ризикував работното место, а во 2000 година поради моите реагирања токму за Плаошник бев сменета од функцијата директор. Центарот за културно наследство е формиран токму за оваа цел – преку разобличување на штетните активности на која било влада, со поддршка на граѓаните да ги охрабри стручните лица јавно да проговорат и да се изборат за вистински статус на експерти, затоа што не постои експерт, кој својот став не го артикулира!

Поврзани новости